Демири: За Индов ќе се покријат трошоците, но за системско решение ќе треба да поминат изборите


 Министерот за здравство Илир Демири денеска на новинарско прашање во врска со случајот Леонид Индов изјави дека Владата и Министерството се комплетно посветени и ќе се изнајде решение со кое ќе му се помогне, односно ќе му бидат покриени трошоците. Системско решение, како што посочи, во предизборниот период и во време на техничка влада, не може да се најде.

-Досега е направено многу. Зборувавме со семејството и брзо ќе добиете епилог. Не сакам медиумска кампања апропо изнаоѓање на решение. Значи, Владата и Министерството за здравство се комплетно посветени и ќе најдеме решение да му се помогне не само на Индов, туку на секој еден пациент кој има потреба, изјави Демири пред почетокот на панел дискусијата по повод одбележувањето на Денот на ретки болести во Скопје.

Тој напомена дека сега треба да се најде решение со кое ќе биде задоволен Индов и ќе бидат покриени трошоците, а за системско решение ќе се зборува после изборите.

-Системско решение во оваа техничка Влада и предизборие не може да се најде. Треба да се најде решение со кое ќе биде задоволен Индов и ќе бидат покриени трошоците, а за системско решение после изборите ќе зборуваме, од повеќе сектори зависи тоа. Значи, промена на регулативи и на закони не зависи само од Министерството за здравство, додаде Демири.

За време на панел-дискусијата, министерот потсети дека во поранешна Југославија, токму во Македонија бил отворен Центар за рехабилитација, каде децата добивале физикална терапија и образование во охридско-преспанскиот крај, а центарот бил регионален. Смета дека имаме навика да ги уништуваме работите, место соодветно да ги одржуваме и надградуваме. Некаде ни фали инсфраструктура, а многу почесто и соодветен персонал, професионалци кои би можеле да ја пружат таа грижа за пациентите.