Демири: Свесноста за органодарителството се зголемува


Горд сум што свесноста за органодарителството се зголемува, истакнал министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири на стручниот состанок посветен на подобрување на Националниот систем за трансплантација.

Министерството за здравство соопшти дека Демири во своето излагање упатил благодарност до сите експерти кои во континуитет даваат стручен придонес во овој процес, а посебно до тимот на проектот за подобрување на националниот систем за трансплантација во земјава.

-Трансплантациите во земјава се вршат во јавното здравство во универзитетските клиники. На Клиниката за урологија, во јануари, годинава ја одбележавме јубилејната 500-та трансплантација на бубрег во јавното здравство, а за првпат пред 4 години беше направена и трансплантација на срце. Во моментот, во тек е едукација и обука на здравствениот персонал вклучен во Програмата за трансплантација, како и активности за зголемување на јавната свест за донирање органи, нагласил Демири.

Тој потенцирал дека органодарителството претставува едно од најголемите достигнувања во медицината.

-Органодарителството спасува животи и горд сум што свесноста и важноста сѐ повеќе се зголемува. Продолжуваме да водиме вистинска грижа за пациентите и за здравствените работници, истакнал Демири.