Деманти од Владата: Заев не разговарал со Ахмети околу знамето, грбот и химната


Извори од кабинетот на премиерот велат дека ниту во Владата, ниту во владејачката партија СДСМ, ниту со Зоран Заев е разговарано за промена на знамето, грбот или химната на државата. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во дебатна емисија на ТВ Клан во понеделникот изјави дека „се разговарало и за химната и за грбот и за знамето. Овие се прашања за кои е потребен консензус, но ова повеќе ќе зависи од договор помеѓу Македонците. Што се однесува на химната, се разговарало и нема којзнае какво противење и тоа е повеќе прашање на време и мислам дека може да се разговара без резерви“.

Од кабинетот на премиерот велат: „Во изјавата на г. Ахмети не забележавме дека тој изјави оти наводно било разговарано со премиерот Заев или со кој било друг претставник на политичките субјекти во власта. Сметаме дека државата треба да се фокусира со сите свои капацитети на политиките кои носат развој, економија и повеќе пари за граѓаните. Владата ќе продолжи на тој пат“.

Во истата емисија Ахмети го поддржа Заев за да се внесат Бугарите во Уставот. Премиерот во Софија изјави дека Бугарите и другите малцинства може да бидат внесени во Уставот кога тој ќе се менува пред влегувањето на Македонија во ЕУ.