Делницата од Крива Паланка до Деве Баир е најдобро решение, велат од ЕУ
Од ЕИБ велат дека проектот за оваа делница е дизајниран од меѓународни консултанти за да се постигне најрентабилното техничко решение
Во Делегацијата на Европската унија во Скопје сметаат дека постоечкиот проект за изградба на третата делница од пругата кон Бугарија (Крива Паланка – Деве Баир) е најрационалното можно решение и дека ништо не е ненадминливо со денешната технологија. Ова за емисијата „360 степени“, го кажа Штефан Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на ЕУ.
На тој начин Худолин ги демантираше тврдењата на министерот за транспорт Александар Николоски дека трета делница е лошо проектирана, дека била речиси неизводлива и прескапа.
„Навистина, теренот на оваа трета фаза е изискувачки, сложен, но тоа не е нешто што не може да се надмине со денешната технологија. Но, секако е поизискувачки од другите делници. Имајќи ја предвид европската димензија, ЕУ ги финансира сите делови. Го финансира делот на запад, кон Албанија, кој е во фаза на планирање, но, исто така, и на страната на Бугарија која како земја членка, има поинаква финансиска конструкција. Таму, проценката ни е дека последните делници на бугарска страна кои се опфатени со Директоратот на ЕК за регионална политика преку структурни фондови, се помалку предизвикувачки и би можеле да бидат завршени значително порано од 2030 година“, изјави Худолин за „360 степени“.
Претставникот на ЕУ вели дека документацијата била последен пат ажурирана во 2013 година, при што е направена проценка од финансиерите и е потврдена одржливоста токму на оваа траса. Притоа е заклучено дека „која било промена нема да биде пропорционална во однос на ресурсите кои треба да се инвестираат“.
Во финансиската конструкција од 560 милиони евра, колку што е проценетата вредност на третата делница од пругата кон Бугарија, ЕУ учествува со околу 210 милиони евра грантови – 150 милиони преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и 60 милиони преку ИПА. Преостанатиот дел се поволни кредити од европски финансиски институции, меѓу кои, најмногу од Европската инвестици банка (ЕИБ).
Од ЕИБ велат дека проектот за оваа делница е дизајниран од меѓународни консултанти за да се постигне најрентабилното техничко решение кое е во согласност со барањата на ЕУ за интероперабилност.
„Поради тешкиот терен, 75% од делницата е низ тунели или мостови. Поголемиот дел од делницата има значителна косина од 20-25 промили во насока на искачувањето кон границата (затоа дел од пругата е во форма на потковица, за да се ублажи косината)… Ништо невообичаено на глобално ниво кога е во прашање ваков терен. За да има поголеми брзини, ќе треба да се предвиди поголема делница за ублажување на косините и/или повеќе структури (тунели и мостови), што ќе ги зголеми трошоците“, изјавиле од Европската инвестициска банка за „360 степени“.
Од Делегацијата на ЕУ во земјава смета дека евентуалното репроектирање на трасата не би имало смисла и оти тоа би значело промена во трошоците, што пак значи правење на нова финансиска конструкција и потреба од распишување нов тендер. А доколку се распише нов тендер, државата ќе се соочи со загуба од грантовите, на што предупредуваат и од ЕИБ.
„Ако Владата реши да не го користи сегашниот проект, тогаш под ризик е финансиската помош – особено значајните 150 милиони евра грант од ЕУ кои се доделуваат преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, што е најголем грант кој е одвоен за земјата. Тука се и грантовите од националната програма ИПА 2 (60,7 милиони евра)“, велат од Европската инвестициска банка.
Во истата емисија на „360 степени“ вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски рече дека тендерот е веќе пропаднат.
„Статусот е дека ние ги повлековме членовите и со тоа пропаѓа – и за надзор и за изведба“, одговори Николоски на прашањето – каков е статусот на тендерот за третата делница.