Делницата Крупиште-Кочани со вкупен прогрес на градежните работи од 75 проценти


Илустрација

Делницата во изградба Крупиште – Кочани во должина од 13,7 километри која е дел од од експресниот пат Штип – Кочани се очекува да биде завршена во наредните неколку месеци. Остварен е вкупен прогрес на градежните работи од 75 проценти, 8 километри веќе се покриени со прв слој асфалт, а на останатиот дел се завршени земјените работи, информираа при денешниот увид на градежните работи премиерот Димитар Ковачевски и министерот за транспорт Благоја Бочварски.

Премиерот посочи дека со изградбата на експресниот пат  се создава брза патна врска помеѓу источниот и централниот дел на државата, како и со граничните премини кон Бугарија.

На делницата Крупиште – Кочани се завршени и 80 проценти од бетонските конструкции на мостовите и натпатниците и се подготвуваат завршните работи на хидроизолацијата.

 

-Во тек е процедура за набавка и поставување на еластична одбојна ограда, а на клучката кај Спанчево се вршат подготвителни работи за монтажа на осветлувањето и се чека приклучок кон напојната мрежа. Се подготвува набавка за сигнализација на патната опрема, се поставуваат и оптички кабли. Сето тоа ни говори дека Министерството за транспорт и врски и Јавното преторијатие за државни патишта заедно со изведувачите и подизведувачите се придржуваат до роковите и дека во наредните неколку месеци и оваа делница од експресниот пат Штип – Кочани ќе биде завршена, изјави Ковачевски.

Првата делница од на овој експресен пат од Штип до Крупиште е во функција од 2020 година. Во експресниот пат од Штип до Кочани проектиран со должина од 28 километри, како што рече Ковачевски, се инвестираат 37,3 милиони евра.

Според Ковачевски, градежните работи во Штипско како централна точка на Источниот регион се одвиваат со засилена динамика го менуваат ликот на модерните клучки и патни решенија кон Кочани, Радовиш, Струмица, Пробиштип и кон останатите урбани центри во овој дел од државата.

-Кога станува збор за патната мрежа источниот дел на нашата земја целосно го смени својот лик. Завршена е делницата на експресниот пат Штип – Радовиш од Три Чешми до клучката за Радовиш. Целосно е рехабилитиран патот Пробиштип – Крупиште. Речиси и да нема патна врска која не е рехабилитирана во овој регион.  Модерната патна инфраструктура е од значење и за влез на нови инвеститори, за зголемување на работните места, но и подобра комуникација помеѓу граѓаните. Изградбата на патиштата е стратешки приоритет на кој остануваме целосно посветени заради брз економски развој на овој регион и на целата земја, изјави премиерот Ковачевски.

Министерот за транспорт Бочварски укажа дека во Источниот регион веќе се завршуваат големи капитални проекти во патната инфраструктура во вредност од 120 милиони евра. Со тоа, посочи, ќе се обезбедат подобри услови за патување, побрз проток на стоки и услуги и поголема безбедност за целиот регион.

-Само оваа патна врска од Штип до Кочани е со инвестициска вредност од некаде 46 милиони евра. Експресниот пат Штип – Радовиш којшто е веќе завршен и е пуштен практично е во функција,  е со вредност од околу 64 милиони евра и сите останати рехабилитации – патот до Пониква, целиот патен правец до граничниот премин Делчево, рехабилитацијата на останатите патни правци од Крупиште до Пробиштип, е инвестиција од некаде преку 120 милиони евра само во овој регион, рече Бочавсрки.

Од огромно значење за иднинатата на државата со побезбедни патишта за граѓаните и за економијата, како што рече, се и активностите во централниот регион, патиштата кон Прилеп, како и на Коридорот 8 од Ранковеце, Крива Паланка и граничниот премин со Бугарија.