Делфините го освојуваат Босфор откако вирусот го замолчи Истанбул


Затишјето во сообраќајот со бродoви и забраната за риболов во Истанбул поради пандемијата на корона вирусот, се покажа добра вест за некои од најомилените жители на градот – делфините кои пливаат во водите богати со риби на Босфорскиот теснец меѓу Европа и Азија.

Турскиот град со 16 милиони е заклучен од минатата недела како дел од владините мерки за спречување на ширењето на корона вирусот, по два последователни викенди, каде исто така беше затворен.

Забележување на делфините во Босфорот – вообичаено многу фреквентен тесен воден пат што го поврзува Средоземното Море со Црното Море директно низ срцето на Истанбул – честопати е извор на радост за жителите на градот.

Но, заклучувањето значи помалку бродови и повеќе риби во водата, поттикнувајќи ги цицачите да се приближат до брегот.

„Намалувањето на бродскиот и човечкиот сообраќај низ Босфорот имаат големо влијание“, рече Ерол Оркуку, шеф на здружението за аматерски и спортски риболов во Истанбул.

„Земјишните и водните живи суштества можат да останат слободни без човечки суштества. Ова им овозможува на делфините да се приближат до крајбрежјето“, рече тој за АФП.

Пред пандемијата, риболов беше секојдневен ритуал во Истанбул. Глетката на илјадници аматерски рибари на мостот Галата и на бреговите на Босфорот е една од иконите на градот. Но, тие сега се скоро напуштени.

Кај Сарајбурну, кој го одделува Златниот ‘рт од Мраморното Море, дел од делфините беа забележани како пливаат со војска на галеби – на радост на фотографите.

Видливоста на делфините се смета за индикатор за здрав поморски екосистем бидејќи цицачите се борат за опстанок.

Од 1983 година во Турција е забранет поморски лов на цицачи, а делфините се заштитени со закон. (АФП)