Делфи економскиот форум организира економски форум и во Скопје со над 50 учесници


Делфи економскиот форум, надалеку познат по годишните средби во Грција, в среда на 23 јуни заедно со Грчката бизнис асоцијација од Северна Македонија, во главниот град на нашата земја организира еднодневен Скопје економски форум, во чиј фокус ќе биде поставувањето темели за стабилност и просперитет во Северна Македонија.

Меѓу педесетината учесници на форумот се и македонскиот премиер Зоран Заев, премиерот на Албанија Еди Рама, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, потоа вицпремиерите Никола Димитров и Фатмир Битиќи, министерката за финансии и економија на Албанија, Анила Денај, поранешниот градоначалник на Солун, Јанис Бутарис, бизнисменот Светозар Јаневски, министрите за финансии, Фатмир Бесими, за економија Крешник Бектеши, за животна средина Насер Нуредини, гувернерката Анита Ангеловска Бежоска, бизнименот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев, амбасадорите на САД, Велика Британија, Германија, Грција и Полска во Северна Македонија, првите луѓе во канцелариите на Светска банка и на ЕБРД во земјава, Масимилијано Паолучи и Анди Аранитаси, познати домашни стопанственици, универзитетски професори и новинари, гости од Словенија, Србија, и тн.  

Како што нагласуваат организаторите, Економскиот форум во Скопје има за цел да се развие во состанок на високо ниво на највлијателни локални и меѓународни политички, корпоративни и интелектуални лидери за решавање на огромните предизвици со кои се соочува Северна Македонија и регионот.

Форумот ќе даде можност да ги идентификува и процени клучните предизвици за раст, да учи од искуствата од политиката во други земји, да го поддржи усвојувањето на корпоративните социјални иновативни практики во приватниот сектор и да идентификува курс на дејствија за политика кон поконкурентна и поинклузивна економија во Северна Македонија, се вели во најавата за форумот.

Во текот на денот ќе се одржат и повеќе панел дебати, посветени на стабилноста и соработката во регионот на Балканот, исполнување на ветувањето на Европската унија, економскиот развој на Северна Македонија по пандемијата, за конкурентноста, финансирањето и регулаторната рамка за бизнисите во земјава, потоа за странските инвестиции во Северна Македонија, а ќе се дебатира и за инфраструктурата, енергијата и туризам како можности за долгорочен просперитет, за паметните градови и одржливиот развој, како и за односите Америка – Северна Македонија по изборот на претседателот Џо Бајден.
Економскиот форум Делфи е непрофитна организација, организација водена од членките, посветена на испорака и промовирање на иновативни идеи за одржлив и конкурентен раст за Европа и поширокиот регион на Источниот Медитеран.