Делегацијата на ЕУ бара политиката да не се меша во истрагите


Делегацијата на Европската комисија во Македонија бара да нема притисоци и мешање на политиката и политичарите во судските истраги. Реагирајќи на барањето на „Независен“  да го прокоментираат писмото на Антонио Милошоски до амбасадорот Самуел Жбогар во кое го проблематизира изборот на идните судии и обвинители преку Академијата за обука од делегацијата порачаа:

– Го следиме донесувањето на новиот Закон за академија за обука на судии и обвинители. Препораките дадени од Експертската група на високо ниво за владеење на правото во 2015 и 2017 година, како и препораките на двајцата експерти кои во 2018 година го оценија функционирањето на Академијата, предвидуваат рамка за содржината на законот.

Околу барањето од главната опозициска партија да се смени Вилма Рускоска и опозицијата да го предложи идниот обвинител на Обвинителството за организиран криминал, од делегацијата дадоа поддршка на актуелните напори на ЈО и побараа што побрзо донесување на новиот закон за кој се преговара меѓу партиите.

– Јавното обвинителство неодамна покажа решеност да се справи со корупцијата на високо ниво и организираниот криминал, што гo поздравуваме. Тие ја имаат целата наша поддршка за продолжување на истрагите без притисоци и мешање од политиката и политичарите. Во исто време, ги повикуваме политичките лидери и пратениците да ги завршат дискусиите и да го усвојат законот за јавно обвинителство, со цел судскиот процес да продолжи со воспоставување на правна одговорност за кривичните дела кои произлегуваат од прислушуваните материјали, стои во реакцијата од канцеларијата на амбасадорот Жбогар.