Делегација на Уставниот суд на Бугарија на средба кај претседателот Пендаровски


Делегација на Уставниот суд на Република Бугарија денеска ќе престојува во посета на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Делегацијата која ја предводи претседателот на Уставниот суд на Република Бугарија, Борис Велчев, претпладево ќе биде примена од претседателот Стево Пендаровски.

Првиот состанок на Заедничката меѓувладина комисија меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија пак ќе се одржи денеска во Софија согласно обврските кои произлегуваат од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан меѓу двете земји  во август 2017 година.

Со Комисијата, како што информираат од МНР, ќе ко-претседаваат министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерката за надворешни работи на Република Бугарија Екатерина Захариева.

Во рамките на програмата на Меѓувладината комисија, како што информираат од МНР, предвидени се  билатерални средби на министрите Димитров и Захариева, како и средби на хомолозите од ресорите економија, одбрана, локална самоуправа, образование и наука, транспорт и врски; на кои ќе се зборува за постигнатиот напредок во соработката во овие области, по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, а ќе се разговара и за идните активности и проекти.