Делегација на Собранието на пролетната сесија на ПС на Советот на Европа


Франција – Пролетната сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) ќе се одржи во Стразбур од денеска до12 април, а ќе учествува и делегација на Собранието на Република Северна Македонија во состав Бетиан Китев (СДСМ) претседател на делегацијата и членовите Шпреса Хадри (ДУИ) и Антонијо Милошоски (ВМРО-ДПМНЕ).

Пред ПССЕ ќе треба да се обратат премиерите на Ерменија и Грузија, а предвидена е и заедничка расправа за актите на омраза во спортот и како тие да се запрат, со посебен акцент на улогата на политичарите во борбата против говорот на омраза. Ќе стане збор и за зацврстување на соработката со ООН и спроведувањето на дело на целите за одржлив развој.

На пролетната сесија ПССЕ е доставено барање за итна дебата за „Буџетската криза во Советот на Европа”, поточно неучеството на Руската Федерација во буџетот на паневропската организација, што може да доведе до нејзино исклучување од Советот на Европа.

Меѓу другите теми на дневниот ред се искоренувањето на сексизмот и сексуалното вознемирување во парламентите, влијанието на социјалните медиуми врз човековите права и како да се балансираат правата на родителите, донаторите и децата за време на анонимна донација на сперматозоиди и овоцити.

ПССЕ, исто така, ќе расправа за новите предизвици во борбата против организираниот криминал и перењето пари, а ќе дебатира и за својата позиција во врска со создавањето механизам за демократија пд страна на ЕУ, владеењето на правото и основните права.

Комесарката за човекови права на Советот на Европа Дуња Мијатовиќ ќе го претстави својот прв годишен извештај за 2018 година и потоа ќе одговора на прашањата, а вообичаената размена на мислења ќе се одржи со актуелниот претседавач со Комитетот на  министрите на Советот на  Европа, финскиот министер за надворешни работи, Тимо Соини, како и со Генералниот секретар на Советот на Европа Торбјорн Јагланд.