Делегација на Македонците од Албанија ѝ се пожали на Сиљановска за нивната положба
Делегација на партијата Македонската алијанса за европска интеграција од Албанија побараа поголемо учество на македонските власти и нивна помош во надминувањето на енормните проблеми со коишто се соочуваат во сопствената држава. Тие тоа ѝ го предочија на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за време на нивната средба денеска во Скопје. Делегацијата беше предвопдена од претседател от на МАЕИ, Васил Стерјовски.
Во соопштението на Кабинетот на претседателката се вели:
„Претставниците на единствената политичка партија на Македонците во Албанија со сериозна загриженост укажаа на состојбата на македонското малцинство, истакнувајќи дека се соочуваат со пропаганда и обиди за асимилација коишто го загрозуваат нивниот национален и културен идентитет.
Тие изразија незадоволство од односот на албанските институции кон нив, како на државно, така и на локално ниво, нагласувајќи дека недоволната заштита и поддршка ја ставаат оваа заедница во неизвесна положба изложена на перманентни притисоци.
Побараа поголемо учество на македонските власти, како и нивна помош во надминувањето на енормните проблеми со коишто се соочуваат. Отворено изразија став за отсуство на државна стратегија за заштита на положбата на Македонците во Албанија“.
Сиљановска изразила разбирање за влошената положба на македонското малцинство во Албанија и подвлекла дека е потребен стратешки пристап во решавањето на статусот и заштитата на правата на македонското малцинство во Албанија, согласно европските и меѓународните документи.