Делегација на ЕУ: Не е оправдано европското знаме на предлог-законите за коридорите


Фото: Б. Грданоски

 

Eвропско знаменце на предлог-закони за изградба на автопатиштата од „Бехтел и Енка“ не е оправдано и нема врска со реформската агенда за ЕУ, експересно реагираат од Делегацијата на Европската Унија во земјава, откако Владата одлучи да донесе нови пет предлог-закони за коридорите 8 и 10д и да ги испрати во Собранието со европско знаме. Оттаму бараат одговори од власта и потсетуваат дека европското знаменце на законите не треба да се користи за скратување на јавните консултации или за решавање на процедуралните тешкотии во законодавниот дом.

„Означувањето на законите со европско знаме има за цел да помогне да се забрза интеграцијата на Македонија во ЕУ и според тоа треба да има за цел усогласување на законодавството со законодавството и стандардите на ЕУ. Во овој случај, предлог-законите се чини дека не се однесуваат на усогласување со таквите стандарди. Ја изразивме нашата загриженост до националните власти и бараме дополнителни појаснувања“, се вели во реакцијата од Делегацијата на ЕУ.