Делчево – град чии граѓани полесно стигнуваат до Европа, отколку до Скопје


Повеќе од две години жителите на Делчево немаат можност да користат меѓуградски автобуски превоз. Најпогодени се најсиромашните, кои за лекување или за да завршат административна работа во центрите како Штип или Скопје, се принудени да патуваат со такси.

Само за едно патување, овие луѓе трошат половина, па и цела месечна социјална помош. Пограничното Делчево, кое се наоѓа на само 11 километри од европската граница, засега е без решение за барањата на најпогодените граѓани, кои трпат штета од еден административен лавиринт, пишува Локалактив.мк.

Пред два месеца, кога ја скршила раката, 61-годишната Рамиза Усеинова од Делчево не можела да ниту да претпостави со какви проблеми ќе се соочи. Докторот, на лекување ја испратил во Клиничката болница во Штип.

Патувањето за да ѝ ставаат гипс на раката, Рамиза ја чини 2500 денари, или речиси половина од нејзините месечни примања. Таа од државата добива 5400 денари, како гарантирана минимална помош и надоместок за енергетска сиромаштија. На Рамиза ѝ претстојат уште две контроли во Штип. Не знае како ќе успее да се снајде со пари:

“Немам со што да отидам на контрола. Да имаше автобус, ќе беше полесно. Целата социјална помош ќе треба да му ја дадам на таксистот – и тоа, сум отишла само еднаш. Јас сум болна, имам четири болести и имам постојана потреба од лекар. Ќе беше многу подобро, како порано, да може да користиме автобус“, се пожали Рамиза.

Здравјето на граѓаните како Рамиза зависи од нерегистрираните таксисти, кои ги возат овие релации. Веќе две години нема редовна автобуска линија на релација Делчево – Кочани – Штип – Скопје и обратно. Најтешко им е на болните од карцином, кои заедно со уште тројца други сопатници секојдневно треба да патуваат за Скопје на зрачење. Ако сакаат да патуваат сами во возилото, тогаш треба да издвојат 4500 денари само за едно патување. Кога би имало автобуски превоз, велат, тогаш би платиле околу 600 денари во еден правец.

„Таксито го плаќаме прескапо, 4500 денари. Да ги имам тие пари, нема проблем. Автобус задолжително да пуштат, потреба имаме, не само јас, туку многу други. Тоа ни е најважната помош. Друго ништо не ни треба. Сосем се запусти источниот дел“, вели Невзат, кој поради здравствени потреби често патува за Скопје.

Целата сторија прочитајте ја на следниот ЛИНК