Делчева-Диздаревиќ: Зарем јас како ќерка на Ѓорѓи Делчев би се заложила за бришење на историјата?


Раководителката на Институтот за педагогија Јасмина Делчева- Диздаревиќ е шокирана од критиките кои дојдоа од колегите од нејзината фела на сметка на нацрт концепцијата за основно образование.

Во интервју за „Локално“, како неприфатлива ја посочува леснотијата на отфрлање на предложените решенија без аргументи и стручна дебата.

„Половина и повеќе од професорите на Филозофскиот факултет или се против или не се изјаснуваат срамејќи се од начинот на којшто останатиот дел од професорите реагираа’’, вели Диздаревиќ.

Повторува дека предметот историја нема да се отфрли и вели: „Зарем јас како ќерка на Ѓорѓи Делчев, еден од првите учители во Пиринска Македонија во 1946 година би се заложила за бришење на историјата во полза на Бугарија?“-прашува таа.

„Не е точно дека сите инститиути и сите факултети се против новата концепција. Бројките кажуваат доволно, половина и повеќе од професорите на Филозфскиот факултет или се против или не се изјаснуваат срамејќи се од начинот на коишто останатиот дел од професорите реагираа. Ставови на фејсбук, напади на неистомисленици не е својствено за расправа во академска средина. Исто така веќе е дегутантно да зборуваме дека историјата нема да се изучува.

Јас сум ќерка на Ѓорѓи Делчев, еден од првите учители во Пиринска Македонија во 1946 година. Зарем мислите дека јас како негова ќерка би се заложила за бришење на историјата во полза на Бугарија? Моите национални чувства, мојот патриотизам никогаш не биле спорни. Повторно ли некој сака да не стави во позиција и да дели на патриоти и предавници!? Јас одбивам да учествувам во таква дискусија. Јас можам да зборувам само за стручниот дел, за придобивките на оваа реформа.

Напротив, сега професорите по историја ќе имаат можност да понудат изборни предмети, и уште повеќе да ги заинтересираат и научат учениците за историјата. Доколку на пример, учениците покажуваат повеќе интерес за некој историски настани, личности или периоди, професорот по историја ќе биде во можност да понуди свој дополнителен изборен предмет, со кој ќе се задоволат интересите на учениците.

Секако, овие изборни предмети само ќе се надоврзат на основните содржини и теми од историјата. Да нагласам, наставната програма по историја ќе ја пишуваат историчари; тоа така било и така и ќе остане. Тие ќе одлучуваат што ќе се учи, а ние како педагози и психолози сме тука да им помогнеме да го најдат правилниот приод кон реализација на наставата“, вели таа.