Дел од парите за пругата Куманово-Бељаковце ќе се пренаменат со ребаланс на Буџетот


Дел од средствата наменети за изградба на железничката делница Куманово – Бељаковце од пругата кон Бугарија ќе бидат повлечени и ќе се пренаменат со ребалансот на Буџетот, рече денес на прес конференција министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Според него ниската реализација на средствата за овој проект е и главната причина за реализација на капиталните инвестиции во ова министерство од само 31,6 отсто во првите осум месеци од годинава. Кај другите проекти  има добра реалзиација, нагласи Бочварски.

Тој истакна дека за  проектот за пругата Куманово – Бељаковце треба сериозна анализа и посочи дека највереројатно ќе се оди со нова постапка поради спорот со изведувачот кој ги сопре активностите на терен.

-При изборот на нов изведувач очекуваме веќе да не ни се јавуват вакви проблеми на трасата. Тоа е делница на која се работи 25 години, нешто што е недозволиво и ако сакаме да бидеме држава која ќе биде пример за реализација на капитални инвестиции ова не смееме ова да го дозволиме, порача Бочварски.

Доизградбата на пругата од Куманово до Бељаковце е во приоритетите за работа што ги претстави денеска  во кои е предвидено и да започнат и со втората и третата фаза од железничкото поврзување со Република Бугарија, како најголем инфраструктурен проект, како и да ја пуштат во сообраќај новата пруга од Битола до Кременица.

Бочварски на прес-конференцијата потврди дека кај автопатот Скопје – Блаце има ниско ниво на експропријацијата, но, како што рече, изведувачот е воведен во работа, му течат роковите и може да почне да работи согласно законите, а експропријацијата да се случи понатаму бидејќи е објект од јавен интерес.

-Поради затекнатите пробеми кои во минатото се појавувале во реализација на капиталните проекти, со брзо почнување на одредени проекти за потоа да се увиди дека има низок проект на експропријација или пак избразно направени проекти без целосно истражување како што е проектот за автопатот Кичево Охрид каде  при почнувањето со градба почнуваат сериозни проблеми, мора да направиме систем којшто ќе овозможи на среден рок навистина кога ќе почнеме проект да има повисоко ниво на експропријација. Треба да имаме добри проекти, нешто за што често ни реагира и Европската унија од каде ги добиваме голем дел од средствата. Целта е кога ќе почнеме одреден проект да се реалзира без проблеми, рече Бочварски, во одговор на новинарско прашање.

Претставувајќи ги приоритетите во работата  и насоките и проектите од мандатното писмо од премиерот  тој вети висока реализација на капиталните инвестиции. Упати повик за вклучување на градежни и сообраќајни инженери, правници и архитекти, професори и експерти од секоја област во поставување систем кој  ќе биде мозокот и вистински координатор на оперативата за силни капитални инвестиции.

Во соработка со сите надлежните институции, истакна, продлжуваме со спроведување на десетгодишната Стратегија за развој на патната инфраструктура, модернизација и безбедност, преку инвестиции од дополнителни две милијарди евра.

Најави дека ќе продолжат со поинтензивна изградба на автопатот Кичево – Охрид,  како и дека во овој мандат целосно ќе го реконструираат патниот правец од Струга до граничниот премин Ќафасан и ќе почнат постапка за проширување на автопатот од Тетово до Гостивар.

-Истовремено се врши проектирање за изградба на нов автопат од Гостивар до Кичево со што целиот Западен Коридор 8 ќе биде нова и модерна врска. Исто така, продолжуваме и со изградба на автопатот Скопје – Блаце, заради зголемување на трговската соработка и можност на нашите компнии за излез на пазарот во Косово. Понатаму, продолжуваме да ги градиме експресните патишта: втората фаза од Штип – Радовиш, втората делница од Штип – Кочани, Ранковце – Крива Паланка и Градско – Прилеп. Започнуваме со изработка на проектна задача за Автопат Прилеп-Битола. Во овој мандат ќе работиме на започнуваме со изградба и на нови два експресни патишта: Смоквица – Струмица – Ново Село, како и Битола – граничен премин Меџитлија со обиколница Битола, вети Бочварски.

Се обврзуваме, рече, да спроведеме рехабилитација на преку 1000 километри магистрална и регионална патна мрежа.

-Дел од регионалните патишта веќе започнавме да ги реконструираме, за дел постапките за реконструкција ќе следат веќе следниот месец а останатите се предвидени во програмата на ЈП за државни патишта, за што морам да потенцирам дека веќе се обезбедени средствата. Во соработка со Владата и општините продолжуваме многу позасилено со реализација на инвестициите во локални патишта, нивна рехабилитација и санација, за што вложуваме 70 милиони евра. Тендерот за првите 27 проекти привршува и очекуваме по изборот на изведувач набрзо на терен да почне да се работи, информира Бочварски. Дополнително подготвуваат постапка за санација на уште 30 улици и патишта низа општините.