Дел од марихуаната од Валандовско завршила во Арачиново, еден дел е во Косово


Оставам на истрагата, гледате дека МВР ефикасно постапува. Еден дел од тоа што беше Валандовско-гевгелискиот регион веќе е откриено во областа на Арачиново, еден дел е во Косово, се работи со службите да се открие до крај и да бидат извадени пред лицето на правдата сите одговорни, изјави денеска на прес-конференција премиерот Зоран Заев.

Во однос на вчерашната полициска акција во Крушево, Заев посочи дека е информиран дека се случуваат вакви девијантни појави и дека ова е втора, потсетувајќи на акцијата пред некој ден во Валандовско-гевгелискиот регион.

– Прво апелирам, а веќе постапува Комисијата за давање на дозволите за лиценца за да направи детална контрола покрај тоа што го прави МВР. Уште еднаш поддршка за сите овие акции, за превенирање, спречување и откривање на сите незаконски дејствија поврзани со дрогите, а вклучително овде и канабисот којшто надвор од законско пропишаните рамки излезе надвор, изјави Заев.

Оставам на истрагата, нагласи Заев, посочувајќи дека МВР постапува ефикасно.

– Еден дел од тоа што беше Валандово-гевгелискиот регион веќе е откриено во областа на Арачиново, еден дел е во Косово, се работи со службите да се открие до крај и да бидат извадени пред лицето на правдата сите одговорни. Истото се случува и со Крушево и ќе продолжат ваквите активности, будно го следиме целото тоа преку МВР како најнадлежно за оваа работа заради тоа што ова е процес којшто е контролирачки и верувам дека самата истрага ќе покаже кој и зошто е виновен или слично, рече Заев.

Во однос на тоа дека меѓу уапсените во Крушево бил и близок роднина на заменик-министерот за внатрешни Назим Буши, Заев рече дека првпат слуша за тоа кои луѓе се инволвирани, но и дека не е важно, бидејќи треба да си одговараат без разлика кои се.

– Така што за мене сега ова што го спомнавте се само индиции, информации. Јас дури и првпат слушам за кои се инволвирани луѓе, впрочем и не е важно кои се инволвирани луѓе. Ако се инволвирани тие треба да си одговараат без разлика кои се, како се поврзани, со кои важни или неважни личности во државата, рече Заев.