Декларација од Самитот во Брдо: ЕУ останува посветена на проширувањето и бара да се спроведуваат Преспанскиот договор и тој со Бугарија


на самитот во Брдо големата битка беше дали зборот „проширување“ да влезе во декларацијата, а помалку за иднината на регионот

ЕУ не ја затвора вратата за Западен Балкан, но не претстави временска рамка кога шесте земји од регионот може да станат членки на блокот. Тоа е главниот заклучок што го усвоија европските лидери на самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо, Словенија.

Лидерите на ЕУ во декларацијата наведуваат дека блокот останува посветен на проширувањето. Но дека тоа ќе биде врз база на кредибилитетот на реформите на партнерите, справедливата и строга условеност и принципот на сопствените заслуги. „Поддршката од ЕУ ќе продолжи да биде поврзана со видлив напредок во владеењето на правото и социјално-економските реформи, а исто така и со почитувањето од партнерите на европските вредности, правила и стандарди“, пишува во декларацијата.

Втората работа која е особено важна за Македонија во однос на блокадата на Бугарија е дека земјите членки на ЕУ бараат спроведување на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија.

„ЕУ потполно ја поддржува изразената од партнерите од Западен Балкан обврска за инклузивна регионална соработка и зајакнување на добрососедските односи, вклучително и со земјите членки на ЕУ. И понатаму останува важно билатералните договори, меѓу кои Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, да се спроведуваат со добра волја и видливи резултати“, стои во декларацијата.

Иако се наведуваат поименично нема констацијата за овие два договори е генерална и не е прецизирано дека тоа мора да го прави само една страна. Но сепак се наведува дека  „партнерите од Западен Балкан обврска за инклузивна регионална соработка и зајакнување на добрососедските односи, вклучително и со земјите-членки на ЕУ“, што значи дека не станува збор само за Грција и Бугарија, туку и Хрватска во односите со Србија.

ЕУ понатаму бара „понатамошни одлучни напори за да се поттикнат помирувањето и регионалната стабилност, како што и да се пронајдат и спроведат — во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи, вклучително и со Спогодбата за прашањата за сукцесија — конечни, инклузивни и обврзувачки решенија за билатералните спорови и прашања меѓу партнерите кои се вкоренети во наследството од минатото, а исто така и за преостанатите случаи на исчезнати лица и за прашањата во однос на воени злосторства“, што повеќе се однесува на спорот меѓу Србија и Косово.

Како и што се очекуваше во декларацијата се наведува дека ЕУ претстави Економски и инвестициски план (ЕИП) и упатства за спроведување Зелената агенда за Западен Балкан. Планот одредува значителен инвестициски пакет преку кој се мобилизираат околу 30 милијарди евра за регионот за наредните седум години, од кои 9 милијарди евра неповратни средства и 20 милијарди евра во инвестиции привлечени преку новиот Гарантен инструмент за Западен Балкан.

Целата декларација може да ја прочитате овде.