Дејвид Гир: Европската перспектива на Македонија не е доведена во прашање
Амбасадорот на Европската унија во Скопје, Дејвид Гир, вели дека европската перспектива на Македонија не е доведена во прашање по блокадата на Бугарија, туку се случува токму спротивното. Во интервју за „Јуропиан вестерн балканс“ (EWB) Гир вели:
„Го разбирам разочарувањето во земјата на ова последно одложување на почетокот на пристапните преговори. Луѓето разбираат дека Европската унија нуди најдобри изгледи за просперитет и стабилност заснована врз демократски вредности и владеење на правото. Следствено, тие сакаат да видат како преговорите започнуваат сериозно што е можно поскоро.
Во исто време, не треба да ја губиме од вид големата слика. Прво, перспективата на ЕУ на Северна Македонија не е доведена во прашање. Сосема спротивното. Само во последните неколку недели слушнавме огромна и недвосмислена поддршка за интеграцијата на земјата во ЕУ од европските лидери и во Брисел и во земјите-членки на ЕУ. Местото на Северна Македонија е во ЕУ“.
Гир вели дека претходните претседателства со ЕУ направиле прогрес за кревање на блокадата на Бугарија (иако Софија не се помрдна од своите ставови). Тој се надева дека Скопје и Софија ќе најдат заемно профатлив договор. „Актуелното словенечко претседателство со ЕУ вети дека ќе ги продолжи овие напори за деблокирање на процесот. Ова е точно време да останеме фокусирани и да ги поддржуваме сите напори да ги премостиме разликите и да го протуркаме ова преку границата. Паралелно, ангажманот меѓу Скопје и Софија треба да продолжи со цел да се најде заемно прифатлив договор за отворените билатерални прашања“, нагласува Гир.
Тој се надева дека оваа блокада нема да влијае врз реформските процеси во Македонија. „Земјата треба да продолжи со реформите заради себе. Спроведувањето на реформите не е само во интерес на ЕУ, тоа е пред сè и во интерес на граѓаните. Преземањето реформи е единствениот начин да се создаде побезбедна, попросперитетна и демократска земја и да се спречи одлив на мозоци кај младите. Ниту една земја во светот не може да си дозволи да не спроведува реформи, во услови на зелена и дигитална револуција“, вели амбасадорот на ЕУ во интервју за EWB.