Дејвид Гета со спектакуларен настап ја заокружи прославата за 35 години независност (фото)


 

Францускиот диџеј и композитор со светска слава Дејвид Гета, најавуван како најексклузивен гостин за крај, ( заедно со шпанскиот тенор Хозе Карерас) за прославата за 35 години независност, приреди спектакл, синоќа, пред 50-илјадна публика од земјата и регионот.

 

Гета во националната арена „Тодор Проесски“ настапи со „The Monolith Stadium Show“, како дел од европската турнеја, со огромна сценска продукџија, светлосни ефекти, пиротехника и визуелни ефекти. Публиката пееше и танцуваше практично цело време на хитовите на Гета, иако некои медиуми забележуваат дека многу од фановите од внатрешноста на Македонија кои не успеале да ги заменат влезниците од 35 денари со нараквици, не дошле на концертот. 

 

Вечерта ја отворија СЕМПРЕ и диџеј Никифор како македонска поддршка, пред Гета да излезе на сцената во 22, 45 часот. Скопје околу Арената беше под полициски режим зарада најавената гужва. Светскиот диџеј, кој јавно ни го честиташе роденденот, по настапот кажа дека не знаел што да очекува кога доаѓал, но си поминал одлично со публиката.

„Желбата и наредбата на David Guetta, публиката буквално да се приближи до самата сцена – нешто несвојствено за големи стадионски концерти – и во тој дел да се собере публика во огромен број, ја одреди судбината на овој концерт!
Дека ќе биде светски спектакл и, заедно со концертот на Metallica во Атина, еден од најголемите на Балканот оваа сезона, беше очекувано. Но, дека реакцијата на публиката ќе биде како на рок концерт – тоа тотално изненади!, велат од „Авалон“.
 

„Илјадници луѓе, моќна енергија и незаборавна атмосфера – Скопје вечерва пулсира во ритамот на слободна и горда Македонија!Нека се слави, нека се памети!Да живее Скопје!
Да живее Македонија!“, сподели на својот ФБ пост, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓоргиевски. 
 
 

Концертот во организација на „Авалон“ и Владата на С. Македонија помина во сенка заради неодговореното прашање колку чини неговиот настап, и воопшто на сите учесници во целата програма за прославата која се плаќа со буџетски пари. 

Ова е втор настап на Гета по настапот во Охрид, за 1 август 2011 година.