Дејвид Гарет за „Независен“: Да свириш на „страдивариус“ е сон

Со добриот изглед и брендираната гардероба е модна икона во светот на класичната музика. Паганини меѓу поп-ѕвездите и Џими Хендрикс меѓу виолинистите, Дејвид Гарет (38) е „ѓаволски виолинист“ од нашата ера, меѓународна суперѕвезда која ги заматува линиите меѓу Моцарт и „Металика“. Заслужен за развој на модерниот кросовер тренд и стилски флексибилен, успешен е во широкиот репертоар од Бах и Моцарт преку Бетовен, Брамс, Сибелиус и Чајковски и ретко изведуваните дела на Конус, Шуман и Дворжак, до Равел и Сен-Санс. Неговите албуми се продаваат во милионски тиражи, а има добиено 24 златни и 16 платинести награди ширум светот. Свири на виолина „страдивариус“ од 1710 и на „џовани батиста гвадањињи“ од 1772 година.

Во рамките на светската турнеја „Неограничено“, според новиот албум „Неограничено во живо“ (UNLIMITED-GREATEST HITS-LIVE), Гарет ќе ја прослави 10-годишнината од своите кросовер-изведби и со концерт во Скопје, на 25 септември во ВИП-арена „Борис Трајковски“, во организација на „Прагма продукција“. Билетите од февруари веќе се во продажба.

По татко Германец (со презиме Бонгарц), а по мајка Американец, имал само 4 години кога почнал да свири виолина. Веќе на 9 години и со тим на менаџери зад себе, свири соло концерти со водечки интернационални оркестри, како што се Лондонската филхармонија, Филхармонијата на Лос Анџелес и Рускиот национален оркестар и го привлекува вниманието на светските професори за музика и диригенти како Зубин Мехта, Клаудио Абадо и Михаил Плетњев. Дури има свирено и под диригентската палка на легендарниот Јехуди Мењухин.

И додека неговите врсници станувале експерти за „плејстејшн“, Гарет вежбал по 7 часа дневно. До 14 години слушал само класична музика, а потоа на колеџ ги открива поп и рок музиката.

На 18 години се запишува на престижниот универзитет „Џулијард“ во Њујорк, со цел да студира со својот херој Ајсак Перлман. Работејќи со него, го пронаоѓа својот личен музички израз.

Во тоа време заработува и како модел за „Армани“ и позира за „Вог“. Ги открива ноќните клубови и забави, учи и да сурфа, само за да ги импресионира жените.

Сега, 340 дена во годината поминува со куфер в рака, јаде храна во соба во хотели, ја носи во ранец со себе 300 години старата виолина „страдивариус“, проценета на 4 милиони фунти, мeдитира пред спиење и нема посебни ритуали пред настап, девица во хороскоп, нема стилист, никогаш не носи смокинг приватно, само на сцена, зашто му дава самодоверба и се концентрира само на музиката. Се труди да се храни здраво, без брза храна на менито.

Го споредуваат со Дејвид Бекам, што го смета за комплимент. Се сретнале еднаш на доделувањето на „GQ“ во Берлин. Бидејќи во 10 од 12 месеци не е дома, не е возможно да има посериозна врска или децa, иако и понатаму се гледа со семејството. Ретко одмора. Последниот пат бил на Малдиви, за Божик, со мајка му, Доув, балерина.

Само за „Независен весник“ ги сподели своите тајни од професионалниот и приватниот живот.

Колку знаете за Северна Македонија и нејзината класична сцена и публика?

– За жал, сè уште не знам многу, но тоа наскоро ќе се промени! Ова е мојата прва посета на Македонија и јас со нетрпение ги очекувам моите први впечатоци, да ги запознам луѓето и културата и за првпат да свирам во вашата земја.

Турнејата е насловена „Неограничено“. Дали е тоа и Ваша лична филозофија во животот?

– Можеби не во животот, но дефинитивно во музиката. Музиката е без граници, тоа е нешто што се обидувам никогаш да не го ставам во некакви граници. За мене музиката, особено мојата виолина, е еден неограничен предизвик. Секој ден е нова авантура.

За непознавачите, која е разликата меѓу класичен и кросовер виолинист?

– Нема разлика во квалитетот ако кросоверот е добар, затоа што ако свирите добар кросовер, мора да бидете исто така и многу добар класичен виолинист. Единствената разлика е во тоа што едниот свири само класична музика, а другиот свири музика од сите жанрови и од сите временски периоди.

Што Ви е најтешко за свирење?

– Мислам дека кога станува збор за толкување, најтешкиот врв за достигнување се секогаш Бетовен и Бах.

Каде имате најголем број обожаватели?

– Тоа е многу тешко прашање. Претпоставувам дека би требало да направам некои истражувања за да ви дадам точен одговор. Најверојатно во Германија, Швајцарија, Австрија затоа што јас сум од Германија и настапувам во регионот веќе толку многу години. Италија е исто така феноменално место за мене. И Јужна Америка, Мексико, Русија и Источна Европа во целина се одлични места за свирење. Но, не можев да ви кажам точно каде имам најмногу обожаватели. Секако, се надевам дека наскоро ќе имам најмногу во Македонија (се смее).

Што Ви донесе славата, а што изгубивте поради славата?

– Изгубив малку наивност, како и приватност, секако. Но, ова се само многу мали негативни несакани ефекти. А ми донесе нешто што мислев дека никогаш нема да го постигнам: креативна слобода, можност како музичар да свирам и да поседувам виолина „страдивариус“ за која сонува секој музичар и што е најважно од сè, да допрам толку многу луѓе со мојата музика, па дури и да го видам светот додека го правам тоа! Овој живот ми донесе толку прекрасни можности и јас не би го менувал за ништо светот.

Што е важно за успешна кариера? Талент, изглед, агент…?

– Талент секако. Но, јас би рекол и работна етика. Искрено, мислам дека изгледот не игра премногу на долг рок, затоа што на крајот луѓето слушаат со своите уши и чувствуваат со своето срце, а како музичар, секогаш ќе биде твојата уметност таа што ќе ги освои луѓето или нема. Дали изгледот е важен? Веројатно. Но, колку луѓе знаат како, всушност, изгледале Моцарт или Бетовен? Не многу. А колку ја знаат музиката на Моцарт и Бетовен? Сите!

Што слушате во слободно време?

– Буквално сè, од А до Ш. Може да биде поп, реге, рок, кантри, фолк-песни, класична, џез, блуз, навистина слушам сè.

Како се релаксира музичар од Ваш калибар?

– Како и многу други луѓе. Сакам спортување, сакам џогирање, сакам да шетам во природа, сакам да се гледам со пријателите и семејството, но сакам и да гледам филмови и ТВ-серии.

Кои се Вашите идни планови?

– Во моментот сме до средината на нашата турнеја „Неограничено во живо“, која ќе нè однесе во многу земји и на некои места каде што досега не сум свирел – како Скопје. Многу е возбудливо и работевме цела година за да го подготвиме ова шоу и едвај чекам да се вратам на патувањата. Секако, веќе работам на нови проекти, но сè уште не можам да откривам детали за нив. Засега сум фокусиран на турнејата што ќе продолжи и наесен. И сум многу возбуден што ќе ги запознам Македонија и нејзините граѓани!

Лејла Сабит