Дејан Јованов, газдата на „Пулс“, нуди имот вреден околу 200.000 евра како гаранција дека нема да избега


Фото: Б. Грданоски

Дејан Јованов – Деко, сопственикот на дискотеката „Пулс“ во Кочани и првообвинет во судскиот процес за пожарот во кој загинаа 63 лица, нуди недвижен имот како гаранција дека ќе остане достапен за судот и нема да избега доколку му биде укинат притворот, објави Слободен печат.

Според информациите што ги објави „Слободен печат“, вредноста на недвижниот имот понуден како гаранција изнесува околу 200.000 евра. Во гаранцијата е опфатен целиот недвижен имот што е запишан на име на Јованов, а дополнително е вклучен и имот во сопственост на член на неговото семејство.

Со понудената гаранција одбраната настојува да обезбеди услови Јованов да се брани од слобода, а истовремено да се гарантира неговото присуство во текот на натамошната судска постапка.

Притворот на Јованов, според претходните информации од судскиот процес, истекува на 3 октомври, кога се навршува една година од неговото траење. Неговата адвокатка Ивана Коцевска претходно најави дека ќе биде предложена гаранција во имот и мерки на претпазливост.

Судот треба да одлучи дали понудената гаранција и евентуалните дополнителни мерки се доволни за обезбедување на присуството на Јованов во постапката.

Судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ продолжува. Во трагедијата на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.