Историски успех – Дејан Георгиевски освои сребро во Токио


Русинот Владислав Ларин беше подобар од македонскиот шампион во финалето во теквондо

Македонија го постигна својот најголем спортски успех на една Олимпијада откако Дејан Георгиевски освои сребро во Токио во теквондо. Георгиевски во финалето беше поразен од Русинот Владислав Ларин.

Во првата рунда губеше со 2:0, во втората Русинот зголеми на 9:7, за на крајот резултатот да биде 15:9. Вомтекот на целиот меч Ларин беше подобар, а можеби дел од причините за поразот на Георгиевски треба да се бараат и во импресионираноста дека настапува во олимписко финале.

Инаку една борба на теквондо трае три рунди по 2 минути.

Претходно денеска, Георгиевски ги победи Рафаел Алба од Куба, Сејду Губане од Брегот на Слоновата Коска и Дион Кјо Ин од Јужна Кореја.

Македонија како независна држава има само една бронза и тоа на Олимписките игри во Сиднеј во 2000 година. Бронзата тогаш ја освои Могамед Ибрагимов во борење.