Дегустација, мода и сеир на Фестивалот на младо вино во “Тиквеш“


Некој вино, некој љубов, а некој сеир, славеа гостите викендов на јубилејниот, 10. Фестивал на младо вино во “Тиквеш“, на првото отворање на бочвите со вино од годинешната берба. Веќе десет години е престиж да бидеш поканет и да дегустираш врвни вина на овој прв и единствен од ваков вид во земјава фестивал кој има значајна улога во градењето и развојот на винската култура во земјата, но и регионот. Присутните претставници на дипломатскиот кор, на институциите, на бизнис секторот и познати јавни личности се дружеа, озборуваа, мезеа, пушеа пури, видоа, беа видени и се забавуваа на класична и етно модерна музика со Павле Камиловски, Џијан Емин и „Магичен бенд“, и со Џамбо Агушев и неговиот бенд. И годинава, имаше засилено обезбедување, заради најавените гости од високата политика во ВИП делот, но највесело беше во новиот простор на отворено, кој може да биде и покриен, ако така налагаат временските услови.

Првите впечатоци од младите вина кај посетителите на годинешниот Фестивал на младо вино се дека тие и годинава се со висок квалитет. Ваквите првични оценки се поклопуваат со прогнозите на енолозите на „Тиквеш“ дека новите вина имаат потенцијал да освојат многу нови медали и високи оценки на реномирани светски вински натпревари.

И оваа година, согласно својата трајна определба за општествено одговорно делување, „Тиквеш“ им овозможи на сите посетители на Фестивалот да дадат свои парични донации, кои заедно со дополнителни финансиски средства што ќе ги одвои компанијата, ќе бидат наменети за изградба на детско игралиште во Кавадарци.

 

Кој е дрес-кодот за винарница?

Поканетите гости во винарница секогаш имаат дилема што да облечат и често ме прашуваат. Важно е кој ќе те покани и кои се поканетите гости. Дали се пие вино преку ден или навечер? Во затворен елитен простор, или, на отворено, во винарија?

Кај нас гостите се облекуваат како што се чувствуваат и како се расположени. Некои ептен дотерани, особено жените, во тенки хулахопки и високи потпетици, дури и кога е ладно, некои ептен лежерно. Некои гостинки се ептен нашминкани и со фризури како на свадба, а некои без шминка и со коси како за по дома. На некои гости им е важен изгледот, за некои, удобноста. Некој ќе се смрзнува, а некој ќе се вари по секоја цена. Во име на модата, сеирот, озборувањето, некои зашто мислат дека тоа е правилно, а некои зашто не знаат, а и не ги прашуваат тие што знаат. Некогаш како гостин ќе погодите со гардеробата, некогаш ќе утнете. Искусните стануваат помудри, а почетниците ќе научат за следната година. Или не.

Л. Сабит