Анџелина Џоли и Бред Пит: Дефинитивен крај на најпопуларната двојка


САД– Некогаш најпопуларната брачна двојка Анџелина Џоли и Бред Пит и официјално се разведе, пишуваат американските медиуми.
По долгата постапка, во текот на која двајцата се бореа за старателството врз нивните шест деца, официјален старател е Анџелина, но Бред добил детален план за поминувањето на времето со децата, кој го утврдил судот.
Втора важна ставка во нивниот развод била поделбата на имотот, но деталите од договорот сè уште не ѝ се познати на јавноста.
Анџелина и Бред се запознаа во 2005 година, на снимањето на заедничкиот филм „Господин и госпоѓа Смит“. Во тоа време, Пит беше во петгодишен брак со актерката Џенифер Анистон, од која по неколку месеци и се разведе поради Џоли.
Анџелина и Бред во 2006 година објавија дека наскоро ќе го добијат своето прво биолошко дете, а осум години подоцна, во 2014 година одлучија да се венчаат.
По многуте гласини, љубовта и официјално „пукна“ во 2016 година, со многу скандали, препукувања по медиумите и изнесувања на валкани детали од долгогодишниот заеднички живот.
Џоли првично сакаше децата да бидат само со неа, а Пит да добие „минимално време“ со нив, но договорот ќе му дозволи повеќе време отколку што таа очекуваше.
Тие имаат шест деца. Најголемиот е Медокс и има 17 години, Пакс има 14, Захара 13, Шило има 12, а близнаците Вивиен и Нокс имаат по 10 години.
По потпишувањето на договорот, ѕвездите ќе се фокусираат на финансиските детали и ќе мора да делат стотици милиони долари. Актерката неодамна ги предложи своите финансиски барања до правниот тим на нејзиниот поранешен сопруг.
Минатата година постигнаа привремен договор за старателство на децата, неколку недели откако Анџелина Џоли го обвини Бред Пит дека не плаќа алиментација за нив. Неколку дена подоцна, тој одговори дека ѝ дал на заем 8 милиони долари, за да помогне да го купи сегашниот дом и платил над 1,3 милион долари за неа и за децата.
Оваа година судот нареди Анџелина Џоли да се грижи за децата, но да поминуваат повеќе време со својот татко.