Дефицитот на САД достигна рекордни 3,1 илјади милијарди долари


Економистите се загрижени дека досега преземените херкулски напори нема да бидат доволни доколку кризата продолжи по јуни

Поради масовната алокација на средства од буџетот за време на пандемијата и послабата наплата на даноци, дефицитот во Соединетите држави достигна рекордни 3,1 илјади милијарди долари оваа година, што е за три пати повеќе од 2019 година.

Дефицитот е повеќе од двапати поголем отколку за време на кризата во 2009 година, кога изнесуваше 1,4 илјади милијарди долари.

Според Асошиејтед прес, годинашниот дефицит е 15,2 отсто од БДП, што е највисок процент од Втората светска војна, пренесува Гласот на Америка.
Проекцијата за годинашниот дефицит беше до илјада милијарди долари, но поради вирусот, затворањето на економијата, големите исплати од буџетот за помош на граѓаните и падот на даночните приходи, тој е многукратно поголем.

Во текот на оваа година, приходите се намалија за 1,2 проценти, а трошењата од буџетот се зголемија за дури 47,3 проценти, или 6,55 илјади милијарди долари – повеќето беа за помош на компаниите и за оние кои останаа без работа.

Околу 22 милиони Американци останаа без работа во март и април кога економијата застана поради пандемијата. Милиони луѓе се уште се во несигурна состојба и очекуваат помош од Владата.

Меѓутоа, се уште не е постигнат договор меѓу Конгресот и Белата куќа за исплата на федералните надоместоци за невработеност, откако на крајот на јули беше исплатена последната транша од помошта.