Дефект на компресорите ги затворил хируршите сали на два дена – не колапс на Клинички


Фото: Б. Грданоски

Министерството за здравство (МЗ) преку соопштение попладнево информира дека поради дефект на еден од компресорите, во тек на два дена бил одложен елективниот програм, а не итните случаи за операција на пациенти. Не е точна информацијата за наводен колапс на Клинички центар, потенцира Министерството.

– Се работи за дефект на еден од компресорите, поради што многу инструменти зависат од притисок што го генерираат пумпите, затоа во тек на два дена елективниот програм, а не итните случаи беа одложени. Проблемот е саниран, а со кислородот немало никаков дефект. Во вторникот е реализирана средба со директорите на Градската општа болница „8 Септември“, ТОАРИЛУЦ, Клиниката за дигестивна хирургија, КАРИЛ, каде што е постигнато усогласување и во тек е усвојување план, како ќе се одвива кохортацијата на пациенти кога ќе почне реновирањето на КАРИЛ, појаснуваат од МЗ.

Компресорската станица требала да биде променета уште пред три години.

– Во тек се активности на министерот за здравство за проверка на сите компресорски станици во Клинички центар и брзо ќе се пристапи кон промена на сите компресори кои се дотраени. Апелираме јавноста да се информира исклучиво од Министерството за здравство, а информациите да не се злоупотребуваат од политичките партии со цел собирање на политички поени, истакнуваат од Министерството.

Претходно од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека два дена не се прават ниту итни операции во хируршките сали на Клиничкиот центар во Скопје. 

– Молк од „транспарентната“ власт за колапсот на Клинички центар, каде три дена беа надвор од функција сите хируршки сали, а не можеа неопходната услуга да ја добијат дури ни итните и животно-загрозувачки пациенти. Изостанаа одговори како дојде до овој колапс на Клинички што е недозволиво да се случи на терциерно ниво, каде се третираат итни и неодложни состојби и за првпат се случува во историјата на македонското здравство – соопштија од ВМРо-ДПМНЕ.