„Децата од првата клупа“ – претстава за меѓуврсничкото насилство кај средношколците


Во недела преку онлајн платформата Zoom ќе биде прикажана драмската претстава „Децата од првата клупа“ која обработува теми поврзани со меѓуврсничкото насилство кај средношколците.

Целта на претставата е преку актерска игра да се прикажат последиците од меѓуврсничкото насилство кај младите, како и да се поттикне негово препознавање од нивна страна. По претставата, публиката ќе има можност да се вклучи во отворена дискусија за меѓуврсничко насилство со актерите и педагозите.

Претставата е дел од истоимениот проект подготвен од Булфрогс Продукција и Здружението за уметнички и едукативни вредности – ДрамАрт, поддржан од Град Скопје.

– Бидејќи секој од нас е сведок дека насилното однесување зема се поголем замав, ваквите видови на проекти можат само да придонесат позитивен раст во однос на намалување на врсничкото насилно однесување. Кога го споменуваме насилното однесување мислиме на прекршување на правата на децата или младите или загрозување на нивниот живот. Начини на кои можат да се прекршат нивите права се многубројни, без разлика дали станува збор за навреда, удирање, дискриминација, отфрлање или било која активност што предизвикува вознемиреност, срам, или страв може да се смета за насилство. Прекршувањата на правата на децата и младите не се случува само во рамките на семејството. Тие се случуваат на улиците меѓу врсниците, а во последно време најмногу во училиштата, велат креаторите на проектот.

Продуцент на претставата е Александра Никифоровски – Булфрогс Продукција, во соработка со Здружението за уметнички и едукативни вредности – ДрамАрт. Во претставата играат Мики Анчевски, Марија Ѓорѓијовска, Винета Дамческа и Бојан Лазаров. Како стручни лица во областа на педагогијата се вклучени Мила Пановска и Сузана Аврамовска.