Децата од Клиниката во Козле кои биле во допир со сомнителните случаи на туберкулоза ќе одат на скрининг


Фото: Б. Грданоски

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска информира дека една група од децата кои биле во допир со сомнителните случаи на туберкулоза во болницата во Козле утре ќе одат на скрининг, а останатата група во понеделник.

-Ја следиме состојбата со децата во болницата во Козле, утре дел од одстанатите деца кои биле во допир со овие деца ќе одат на скрининг една група, друга група во понеделник. Обезбеден е скриниг и на возрасните лица, но не сите сакаат и даваат отпор, рече Тренчевска.

Нагласи дека најпогодени се лицата сместени во прифатниот центар Визбегово каде преземаат мерки и се што е во нивна надлежност. Посочи дека се во комуникација и со Министерството за здравство за да овозможат подбри услови на фамилиите кои живеат таму.

Пред два дена од Институтот за белодробни заболувања информираа дека над дваесет деца и нивните родители ќе бидат тестирани за туберкулоза – малите во Козле, а возрасните на Клинички. Оваа бројка е со тенденција на пораст, затоа што сите тие иако не живееле во еден ист дом во прифатниот центар, сепак секојдневно поминувале време заедно и имале блиски контакти кои допрва се појавуваат.