Децата најпогодени од загадувањето


Денеска воздухот е чист, утре пак ќе бидеме со маски. Не постои безбедно ниво на загаденост. На дваесет и седмиот роденден од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, акцентот го ставаат на аерозагадувањето посочувајќи дека овој вакуум-период треба да се искористи за решавање на проблемот од кој е засегнато цело население, а секое второ дете страда од респираторни болести како последица од загадувањето на воздухот. Оттаму велат дека децата се почувствителни од возрасните на внатрешно и надворешно загадување на воздухот бидејќи нивните бели дробови, мозокот и имунолошкиот систем сè уште се развиваат, и нивниот респираторен тракт е попорозен. Потсетуваат дека барале и сè уште бараат надлежните институции да преземаат соодветни мерки. Се повикаа и на извештајот на Европската агенција за животна средина (ЕЕА), според кој во државава се дише најотровен воздух во Европа.

„Луѓето страдаат од низа респираторни и кардиоваскуларни болести, состојби асоцирани со предвремено раѓање или генетски мутации на плодот. Загадениот воздух е еден од најголемите фактори за смртност кај децата и тоа мора веднаш да се спречи. Децата се најосетливата група, затоа што имаат организам во развој и побрзо дишат, а со тоа и побрзо внесуваат загадени материи во телото. Најпогодени се особено во грејната сезона, кога концентрацијата на цврстите честички е зголемена. Секое второ болно дете се лекува од респираторни болести кои најчесто се директна последица на загадениот воздух. Децата во раниот детски развој се немоќни што било да сменат. Државата како потписничка на Конвенцијата за правата на детето е должна на децата да им овозможи да живеат и да се развиваат“, нагласуваат од „Меѓаши“.

Во изјава за јавноста, пак, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули подвлече дека континуирано се работи на мерки и активности за намалување на аерозагадувањето, во сегментите што се дел од Планот за чист воздух и дека допрва треба да се видат ефектите кога ќе почнат мерењата од октомври, односно од наредната грејна сезона.

„Бидејќи сега го нема домашното затоплување, немаме сега ни загадување, освен еден ден, во април, кога беше надминато кај ректоратот поради градежни активности и сообраќајот. Она што е поразлично сега, е дека континуирано работиме на мерки и активности за намалување на аерозагадувањето, во сегментите кои се дел од Планот за чист воздух. Заради изборите, чекаме да помине 5 мај и да се распише повикот за инверторите кои ќе ги инсталираме во повеќе јавни институции, пред сè градинки, основни училишта и здравствени домови. Филтрите што треба да се набават заедно со одредени стопански капацитети кои загадуваат, помали комбинати, но од друга страна заедно со дел од универзитетите во Скопје и во Штип правиме еден научен пристап на мрежата за мониторинг, да ја надополниме на онаа овде во министерството и со научни факти да се бориме со загадувањето“, рече Макрадули.

 Инаку, според извештајот на ЕУ за квалитетот на воздухот во Европа од 2018 година, ПМ 2,5 честичките се виновни за 3.000 смртни случаи годишно. Меѓу најзагадените земји во Европа, покрај Македонија, се и Бугарија, Полска и Словачка. Во анализата на Европската агенција за заштита на животната средина е наведено дека европските држави треба да направат поголеми напори за подобрување на квалитетот на воздухот поради исклучително лошите резултати од неговото влијание врз човековото здравје и околината. Токму аерозагадувањето е главна причина за предвремена смрт во 41 европска држава. Речиси 420.000 случаи на предвремена смрт во 2015 година се поврзани со загадувањето на воздухот во тие држави.

„Меѓаши“ 27 години ги штити правата на децата

„Меѓаши“ е најстара граѓанска организација во државава за заштита на правата на детето, основана на 29 април 1992 година во Скопје. Како организација изминативе години ги застапуваат и заштитуваат правата на децата, се залагаат за одговорно родителство и почит кон детската личност. Главното мото на детската амбасада „Меѓаши“ е „Сите идеали на светот се побезначајни од солзите на едно дете“. За овие 27 години се регистрирани над 20.000 повици на СОС-телефонот, а повеќе 1.200 волонтери земале учество во активностите. Над 2.000 деца ги посетувале бесплатните детски работилници, а повеќе од 500 деца биле опфатени во летните кампови.

„Меѓаши“ годинава го промовираше прирачникот „Позитивно родителство“ и зборникот „Кон мировното образование“, а целта е со него да се придонесе кон зголемување на знаењата за програма за мировно образование. Лани организацијата започна кампања против врсничкото насилство со мотото „И зборовите повредуваат“. Билборди со овој слоган беа поставени во повеќе градови во државата. Свесноста дека постои насилство и неговото препознавање е само прв чекор во справувањето со овој проблем, оттаму подвлекуваат дека сакаат долгорочни и адекватни стратегии кои градат училишта (и општества) нетолерантни на насилство. Во 2017 година „Меѓаши“, загрижена од енормното загадување во Скопје и последиците кои произлегуваат од него, почна да ја алармира ситуацијата во која се наоѓаме и дека тоа го загрозува основното право на детето – правото на живот. Во 2015 година, пак, поддржа повеќе граѓански иницијативи како онаа на група родители за воведување на 50/50 поделено, подеднакво, заедничко или споделено старателство и заедничка одговорност на двата родитела за правилен раст и развој на децата. Претходно „Меѓаши“ се залагаше и лобираше за построго санкционирање на сексуалните злосторници, педофили, посебно кон деца под 14 години. Сето тоа велат дало резултат.

Вероника Мароска-Леова