Децата на брутално убиениот новинар Кашоги добија отштета од 70 милиони долари


Децата на брутално убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги од властите од Ријад добиле куќи вредни по четири милиони долари, покрај тоа добија и еднократна исплата од околу 267.000 долари и ќе продолжат да добиваат помеѓу 10.000 и 15.000 долари месечна помош, за да „молчат за смртта на нивниот татко“.
Кашоги има четири деца, двајца синови и две ќерки и секој од нив добил по една луксузна куќа вредна четири милиони долари, а секој месец добиваат и по 10 илјади долари.
Како што пренесува “The Washington Post”, медиум за кој Кашоги пишуваше колумни, децата на убиениот новинар ќе добијат и повеќемилионски износ кога ќе заврши судскиот процес за виновниците за убиството на нивниот татко. Семејство на убиениот новинар треба да добие пари и имот во вредност од околу 70 милиони долари, пресметува „CNN“.
 
„Целта на ваквите исплати на саудиските власти на децата на убиениот новинар е да се осигураат тие во нивните јавни настапи, да продолжат да искажуваат воздржаност“, пренесува “The Washington Post”.
Куќите кои што ги добиле децата на Кашоги се наоѓаат во луксузен кварт кој имал приватно обезбедување. Најголема куќа добил најстариот син Салах кој е единствениот од четирите деца на Кашоги што живее во Саудиска Арабија. Останатите три деца живеат во САД и се очекува наскоро да ги продадат куќите.
Саудиските власти негираат дека станува збор за „крвави пари“ чија што цел е да го купат молчењето на семејството на Кашоги и тврдат дека станува збор за обичај карактеристичен за арапската култура. Според непишано правило, на семејствата на жртвите на насилни криминални дела, им се исплатува финансиска помош.
Саудискиот новинар Џамал Кашоги, беше убиен во саудискиот конзулат во Истанбул на 2 октомври минатата година.