Децата лишени од слобода се соочуваат со страв, изолација и стигма


Изразено чувство на страв, изолација, самодискриминација, стигматизација и обесхрабрување се јавува кај децата кои се лишени од слобода и затворени. Овие состојби неминовно доведуваат до далекусежни негативни последици по физичкото и психичкото здравје на детето и неговиот личен развој и живот во заедницата.

Ова денеска го истакна народниот правобранител Иџет Мемети на отворањето на вториот состанок на Мрежата на Националните превентивни механизми на Југоисточна Европа, што се одржува во Скопје.

Особено потресни се сведоштвата на децата со трауматски искуства од нехуманото и понижувачко постапување, сексуално вознемирување и малтретирање или трудово експлоатирање“, рече Мемети.

Досегашното искуство од мониторингот, како што истакна тој, покажува дека децата се сместуваат во установи со лоши материјални услови, несоодветна здравствена грижа, ограничен пристап до образование и недостиг на можност за личен прогрес и развој на социјални вештини.

Загрижува тоа што во националните законодавства не се предвидени соодветни процедури, ниту јасни алтернативи на лишување, кога се работи за деца што директно доведува до лишување од слобода и задржување на децата од страна на властите да се применува како нужно средство, наместо како последна мерка со ограничено времетраење“, нагласи Мемети.

Народниот правобранител посочи дека во континуитет ја следат состојбата со правата на децата и нивниот третман во местата на задржување и лишување од слобода и соодветно интервенираат од аспект на почитување и спроведување на нивните права.

Претставникот на УНХЦР во Скопје, Дејан Кладaрин во своето обраќање, меѓу другото напомена дека секое дете во секое време има основно право на слобода и да биде ослободено од миграциските локации за задржување.

Заменик народниот правобранител, Васка Бајрамовска-Мустафа потсети на водечкиот принцип на Конвенцијата за правата на детето, дека ниту едно дете не може да биде лишено од слобода незаконски или арбитрарно, а апсењето, притворот и затворањето на децата ќе се користат како последна мерка, ограничена на најкус можен временски период.