Ѓорчев: Да се повлече предлог-законот за попис

Собраниската Комисија за европски прашања на која на дневен ред е предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во 2020 година ја прекина дебатата.

По изгласувањето на дневниот ред на седницата, претседателот на Комисијата Артан Груби истакна дека ја прекинува работата по оваа точка заради потреба од дополнителни усогласувања помеѓу политичките партии во врска со овој предлог-закон.

Претходно, пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев побара предлог-законот за попис да се повлече. Предлогот го оцени како штетен и неевропски, кој не ги исполнува критериумите на ОН за спроведување попис на население.

– Апсолутно е приоритет да имаме попис во Република Македонија според критериумите на Евростат, на ЕУ и ОН. Овој вака предложен закон од власта на Зоран Заев и неговиот Завод за статистика во кој немаме никаква доверба апсолутно не е на таа линија. Законот треба да се повлече и да се види што и како понатаму затоа што граѓаните се масовно незадоволни од предлог-законот за попис, рече Ѓорчев.

Неговото барање не беше ставено на гласање.

Претседателот на Комисијата, Груби најави дека седницата за попис ќе биде дополнително закажана, а Комисијата продолжи со работа по 46-та седница на која на дневен ред е предлог-законот за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста во второ читање.

Ова е второ одложување на расправата за предлог-законот за попис на матичната Комисија кој влезе во Собрание со европско знаменце. Првата седница требаше да се одржи на 10 јуни, но беше откажана.