Дебатата на кандидатите за британски премиер прекината, водителката се онесвести
Новинарката Кејт Мекен колабирала додека Риши Сунак и Лиз Трас беа на средина од телевизиската дебата
Последната дебата за лидерство на британските ториевците (што значи и нов премиер) помеѓу Риши Сунак и Лиз Трас беше откажана откако водителката се онесвестила во етер.
Дебатата на Sun и TalkTV, водена од новинарката Кејт Мекен, ненадејно запре на половина пат откако се слушна силен удар.
TalkTV рече дека Мекен е „добро“, но на каналот му бил даден медицински совет да не продолжи.
„Им се извинуваме на нашите гледачи и слушатели“, додаде каналот.
Кандидатите за лидерство твитнаа дека им олесна кога слушнаа дека Мекен е добро и посочија дека со задоволство би организирале реванш.
Водителката на TalkTV требаше да биде ко-домаќин на дебатата заедно со политичкиот уредник на The Sun, Хари Кол, но тој се повлече откако беше позитивен на тестот за Ковид.
Пред да биде запрен, последната телевизиска дебата меѓу двајцата кандидати ги покриваше даноците, состојбата на јавното здравство и зголемените животни трошоци.
Тие требаше да го започнат делот за поддршката на Обединетото Кралство за Украина кога дебатата беше прекината.
Кандидатите покажаа попомирувачки тон, за разлика од жестоките судири што ја одбележаа дебатата во понеделникот на BBC One.