Дебата за новата методологија за државна поддршка за поттикнување инвестиции


 Дирекцијата за Технолошко-индустриските развојни зони во соработка со Советот на странски инвеститори и компаниите денеска во Скопје организира панел на тема „Иницијатива за изработка на нова методологија за државна поддршка за поттикнување на инвестиции“ како дел од активностите за унапредување на деловната клима со цел проширување на услугите и можностите за инвестирање.

Целта на новата методологија, како што велат од ТИРЗ, е целосно искористување на потенцијалот на постојната регулатива и натамошна надградба на модел за индивидуализиран („паметен“) пристап во поттикнување на инвестиции со повисок квалитет. Со методологијата натамошно ќе се зајакне предвидливоста и ефикасноста на системот за државна поддршка на инвестиции, со целосен фокус на квалитет и интерес за државата и граѓаните.

На панелот ќе се обратат Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ и Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство.

-Сите конкретни предлози од оваа дебата ќе бидат анализирани и вклучени во унапредување на законската регулатива за поефикасен систем за исплата и следење на државната помош и ќе бидат содржани во финалниот документ кој ќе го изработи меѓународната ревизорска куќа ПрајсвотерхаусКуперс, порачуваат од ТИРЗ.