Дебата на Бугарската телевизија: Нема говор на омраза, туку вистинска омраза

Според поранешниот дипломат Љубомир Ќучуков целата работа во меѓусебните односи се сменила со бугарското вето


 

Единственото нешто за кое има согласност во Софија и Скопје е дека односите меѓу Бугарија и Македонија се на најниско можно ниво и веќе не станува збор за говор на омраза, туку за вистинска омраза. Вака ги оквалификува македонско-бугарските односи поранешниот дипломат од кариера и сегашен директор на Институтот за економија и меѓународни односи, Љубомир Ќучуков во денешната утринска програма на Бугарската национална телевизија (БНТ).

„Имаме ситуација кога двајца министри цела недела се обидуваат да спречат физички пресметки, фала богу што не дојде до тоа. Но, мислам дека веќе не зборуваме за говор на омраза, туку за постапки на омраза, за вистинска омраза“, рече тој околу настаните при одбележувањето на денот на раѓањето на Гоце Делчев.

Според него, „речиси половина од населението на нашиот сосед ја смета Бугарија за непријател, а ако зборуваме за тоа што се смени за да дојдеме овде – бугарската надворешна политика го смени тоа со ветото што го наметнавме“.

Ќучуков рече дека „секој инцидент, секоја провокација, секој скандал му помага на македонизмот. Ние му помогнавме на македонизмот, не придизвикавме љубов“. Тој ја оцени бугарската надворешна политика како реактивна, а не проактивна.

„Бугарски политичари одат во центарот на Скопје и зборуваат дека таа држава нема право да постои. Ако некој туѓинец дојде во центарот на Софија и тврди дека Бугарија е дел од некоја друга држава, тоа нема да ни се допадне“, рече тој.

Ќучуков зборуваше и за имињата на бугарските клубови во Македонија: „Тоа се културни центри на македонски граѓани. Но самото именување на културни институции во Македонија со имиња на бугарски политичари кои на еден или на друг начин се поврзани со учество на страната на хитлеровска Германија не помага во развојот на меѓусебните односи“.

Другиот учесник во дебатата, историчарот Христо Матанов, жалеше што бугарските власти во 1946 година дозволиле моштите на Гоце Делчев да бидат префрлени од Софија во Скопје.

„Според мене, тие (во Македонија) едноставно не сакаат да бидат членки на ЕУ. Се чини дека има одредена кохерентност меѓу опозицијата и властите. Тие успеаја да го упропастат заедничкото чествување на Гоце Делчев“, рече Матанов.

Ќучиков, кој едно време беше и заменик-министер за надворешни работи, рече дека десетина години имало практика која „ја спроведувавме со колегите од Скопје околу чествувањето на Делчев и немаше никаков проблем“ и дека со ветото работите се промениле.