Дебата: Демократија сѐ уште не матурирала


 

Како демократија која сѐ уште не матурирала, премногу бараме од политичарите и јавноста да се однесуваат како да сме Холандија, беше речено на денешната дебата по повод Извештајот за изборната етика што го изготви Форумот за разумни политики. Учесниците изнесоа различни размислувања и ставови, но речиси заеднички беше заклучокот дека во однос на изборната кампања, земјава евидентира напредок. Направен е исчекор во однос на препукувањата и личните напади, имавме добри избори во рамки на балканските стандарди, немаше инциденти и најверојатно ќе имаме, како што беше речено, мирен трансфер на власта. 

Едно од размислувањата беше дека интелектуалците се плашат и дека треба да го подигнат гласот, без страв да го кажат своето спротивно мислење и да наметнат етика во изборниот процес, наместо да ги прифаќаат пристапот, вокабуларот и пораките на партиите.

Опасно е, беше посочено, да се нормализира дискурсот на политичарите и да се вели – „пцујат, имаат ад-хок напади кон противникот, ветиле космодром, даваат лажни ветувања и тоа е ок“.

Меѓу клучните сегменти, порачаа учесниците, се и медиумите, посебно нивната етика во пренесувањето на информациите, зашто многу е важно граѓаните да бидат вистински и што е можно поинформирани. 

„Дистинкцијата меѓу политиката и етиката кај нас е комплетно избледена. Многу е важно да се зборува на оваа тема особено во критични периоди како што се изборите. Етиката во изборниот процес е нешто што лебди, што постои околу нас и е дел од нашата политичка култура и некогаш не можеме да ја препознаеме зашто се работи за тешко мерливи работи. Не само што не можеме да го препознаеме тој дискурс, туку и го нормализираме – пцујат политичарите, имаат ад-хок напади кон противникот, ветиле космодром – ок. Тој тип на нормализација на јавниот дискурс е опасен зашто базира врз измама“, рече Гордан Георгиев од Форумот за разумни политики.

Според Јасмина Трајкоска-Наумоска, мора да се врати довербата во јавните институции и во политиката како нешто етичко.

„Политиката е поврзана со јавните функционери кои ќе ја имаат можноста да одлучуваат за јавни прашања. Затоа е многу важно реториката да ја насочиме кон унапредување на демократските стандарди колку тоа и да звучи невозможно од оваа перспектива“, истакна Трајкоска-Наумоска.

Ибрахим Мехмети оцени дека сѐ уште е претесен граѓанскиот простор кој треба да се разликува од политичките партии и кампањи.

Професорот Александар Спасеновски рече дека во последниве седум години имало добро организирани и фер избори. Сега, според него, клучното прашање е дали новата власт ќе продолжи да организира такви избори или ќе се врати на искуствата од времето кога таа владееше.

Според Ненад Марковиќ луѓето се свесни дека при промената на власта нема да го добијат тоа што им е ветено и дека ќе бидат изневерени.

„На луѓето им е јасно дека ниту ќе има правда, ниту ќе има мир, ниту ќе има ревизија на какви било договори, тоа се глупости и тоа нема да се случи никогаш. Сметам дека гласачкото тело е сосема свесно дека апсолутно нема да го добие тоа што е ветено, но револтот создава Павлов рефлекс да се излезе на избори за да се казнува“, истакна тој.

Политикологот Борјан Ѓузелов изнесе спротивно мислење, дека промени има во позитивна насока. 

„На почетокот кога доаѓа на власт, политичката елита е отворена за сугестии, па не нужно секоја промена е безначајна, иако на крајот, по еден или два изборни циклуса, структурните недостатоци го земаат данокот и повторно чуветвуваме дека нема промена, но промена има. Каде бевме пред седум години? На 27 април бевме длабоко во третата група на неконсолидирани демократии каде власта не сака да замине, за сега да бидеме далеку подобри од Србија и Унгарија од аспект на демократски стандарди, спроведување избори, слобода на медиуми“, нагласи тој.

Новинарот Љупчо Поповски оцени дека е многу битно дали оваа структура што сега доаѓа на власт ќе организира фер и демократски избори. Тој не се согласи со синтагмата во јавноста дека „одењето во опозиција е добро за една партија“, зашто, како што рече, секоја партија се бори да биде на власт.

„Ако тоа не го стори, идната година за локалните избори, а потоа и за другите, значи годинашните добри избори и оние од пред две години биле само инцидент, а другото е правило. Тоа ќе биде еден од најголемите предизвици за новата владејачка структура. Јас не сум убеден дека тие беспоговорно ќе ги продолжат практиките на овие шест-седум години, тоа треба да го докажат“, истакна Поповски. 

Извештајот за изборната етика е изготвен за време на и по парламентарните и претседателските избори во април/мај 2024 година врз основа на анализирани 1.647 новинарски написи, видео прилози и текстови на социјалните мрежи на кандидатите.