Дебарската ТППЕ доби заштитна, огноотпорна опрема за пожарникарите


Дебарската територијална противпожарна единица вчера доби опрема за заштитата на животот на пожарникарите при интервенции. Опремата на командирот Џетан Мифтароски му ја предаде градоначалникот Хекуран Дука, кој рече дека станува збор за значаен проект вреден 10.000 евра, добиен од Програма за развој на Обединетите нации (УНДП).

Дебарската ТППЕ доби заштитна, огноотпорна опрема за пожарникарите

-Средствата се обезбедени на ниво на меѓуопштинска соработка на општините Дебар, Центар Жупа и општината Маврово и Ростуше, во соработка со УНДП, за што сме многу благодарни. ТППЕ доби комплетна опрема за гаснење пожари на отворен простор и технички интервенции. Огноотпорни чизми и униформи кои се специфицирани според најновата регулатива и се отпорни на оган. Поконкретно станува збор за лична заштитна опрема на пожарникарите, кои интервенираат на подрачјето на трите општини, додаде Дука.

Тој посебно ја потенцираше максималната и успешна ангажираност на единицата, со нејзиното навремено итервенирање, што доведува до помали штети при пожари, а потсети и на преземените активности за подобрување на условите за работа.

-Почнувајќи од подобрување и корекција на платите на вработените, па се до целосната реконструкција на објектот, изграден во 1953 година, кога почнал да функционира како противпожарен дом. Со овој многу значаен проект беше сменет покривот, потоа прозорците, вратите, електричната и водоводна инсталација, како и други активности, со што се добија потребните услови. Сето тоа беше овозможено со финансиски средства добиени од Центарот на југозападниот плански регион во програмата за енергетска ефикасност, вреден 80 илјади евра, а свој дел имаше и општината. Вложуваме напотри да обезбедиме уште две возила за специјална намена, нагласи тој.

Мифтароски се заблагодари за вниманието и грижата на локалната власт, во подобрувањето на условите за работа на 14. пожарникари, ветувајќи дека и понатаму ќе се залагаат за брза, навремена и успешна интервенција,но, како што рече посакуваме интервенциите да се во помал број.