Дебармаалци бараат дислоцирање на фестивалот „Самрленд“


Жителите на Дебар Маало бараат дислокација на летниот фестивал „Самрлед“, кој се одржува во Градскиот парк на Школка. Тие веќе се организираат и потпишуваат петиција што ќе ја достават до надлежните во Град Скопје, кои се и организатори на фестивалот. Дебармаалци велат дека не се против да се одржуваат забавни манифестации, но овој пат се работи за долг период од скоро цел месец. Фестивалот „Самрленд“ е пандан на зимскиот „Винтерленд“ и годинава се одржува по првпат. Стартуваше минатата недела, а најавено е дека ќе трае до 28 јули. Тие се жалат дека е пребучно во периодот од 18 до 00:30 часот, а дополнително еден час претходно има технички проби и штимање на инструментите од бендовите што настапуваат.
„Повеќето од луѓето што живеат тука работат помеѓу 8 и 17 часот. Значи, цел јули од работа директно на журка додека си легнеме. Ние можеби сме и помал проблем. Што е со бебињата, што е со старите и изнемоштени лица, што е со луѓето што сакаат да си прошетаат во мирна природа? Дебармаалци и жителите во парк немаат право на одмор и тишина, затоа што некој така одлучил. Со целокупната претходна ситуација, бевме навикнати. Научивме која од кафеаните или кафулињата во кој ден се погласни или, пак, во деновите кога има забавен настан во парк и сето тоа се „прегризува“ затоа што знаеме дека утре ќе заврши. Ама сега со ‘Самрленд’ осудени сме да бидеме жртви на звучно загадување секој ден. Ова е многу сериозно и дебармаалци треба секојдневно да го поднесуваат. Бараме да се врати барем малку од малку мирот во Дебар Маало и ‘Самрленд’ да биде дислоциран“, се вели во барањето на жителите.
Потсетуваат дека пред 30 години нивното маало било мирно и тивко, но во текот со годините постојано им се натрупуваат дополнителни проблеми што им го отежнуваат живеењето. Велат дека многумина поради натрупаност во населбата се отселиле, но тоа не можат да го сторат сите.
„Живееме во куќата што дедо ми ја градел уште во педесеттите години. Тука живееме веќе неколку генерации, треба ли да се отселиме? Што треба да направиме? Немаме никаков мир, прозорците од куќата ни се тресат секој ден. Сосетката која има мало бебе е избезумена овие неколку дена. Не може да го заспие бебето, по цела ноќ сме будни. Паника нè фаќа и за следниот ден бидејќи знаеме дека ќе трае цел месец. Не сме против концерти, но ова е премногу. Секаде во светот повеќедневните фестивали се одржуваат подалеку од домаќинствата. Тука доаѓаат посетители од сите краеви на Скопје, а тоа секојдневно значи и хаос од возила и неред во паркирањето. Постојано се буниме кој за бучава, кој за узурпиран простор на тротоар, на кого му врзале велосипед за портата од дворот, кој не може да си го извади автомобилот од паркинг затоа што тој што го блокирал ‘се враќа за пет минути’ итн. На крај се откажуваме бидејќи кога надлежните што треба да слушнат и да сторат нешто ги нема никаде“, ни раскажа една жителка од Дебар Маало, потписник на петицијата „ЗА потивко Дебар Маало и Градски парк – ЗА дислоцирање на ‘Самрленд’“.
Досега на петицијата се потпишани стотици жители, а дополнително барањето ќе го достават и до Град Скопје. Оттаму, пак, велат дека манифестацијата се одржува според сите прописи, не се пречекорува гласноста на музиката ниту времето на одржување на концертите.
„До Град Скопје нема пристигнато официјално барање или поплака за одржувањето на забавно-културната програма која се одржува во Градскиот парк под насловот „Самерленд“. Оваа манифестација е организирана со цел на скопјани да им се понуди бесплатна забава и содржина во летниот период, со содржини и активности за нашите сограѓани од сите возрасти.
Самите манифестации се одржуваат во Градскиот парк, поточно на сцената на Школка, што е доволно оддалечено од станбените објекти. Самите манифестации и концерти се организираат во согласност со сите прописи, каде што не се пречекорува гласноста на музиката, како и времето на нивното организирање“, велат од Град Скопје.

Ивана Настеска