Де Соуса го освои вториот мандат на претседателските избори во Португалија


Португалскиот претседател Марсело Робело де Соуса победи во првиот круг од претседателските избори, стекнувајќи ја довербата на гласачите за втор мандат, покажаа официјалните резултати.

На вчерашните избори 72-годишниот претседател освои 61 процент од гласовите, девет проценти повеќе отколку при победата во 2016 година, пренесуваат британските медиуми.

Меѓутоа, на овие избори излезноста беше само 40 отсто од гласачите, што е најниска во историјата на Португалија.

Резултатите од противниците на Де Соуса беа очекувани – кандидатот на социјалистите Ана Гомес доби 13 проценти од гласовите, а лидерот на популистичката десничарска партија Чега (Доста!) Андре Вентура беше трет со 12 проценти од гласовите.

Откако резултатот од изборите беше соопштен Де Соуса изјави дека најважното прашање што треба да се реши е борбата против коронавирусот.

-Тоа е мојот приоритет, во целосна соработка со парламентот и владата, рече старо-новиот претседател.