Де Лескен на местото на Фортунато: Живанши со ново раководство


Франција– Брендот Живанши, препознатлив во светот по парфемите, добива нов претседател и главен извршен директор со искуство во модата и убавината, дознава WWD.

Рено де Лескен, кој моментно е претседател и на Диор Америка, треба да му се придружи на брендот на 1 април.

Досега познат како дискретен извршен директор, Де Лескен во таа улога во Њујорк беше 4 години, а претходно беше претседател на Диор Кина. Пред тоа, тој помина 10 години во L’Oréal во Париз, како претседател на YSL Beauté, а пред тоа како глобален претседател на Giorgio Armani Beauty.

Назначувањето сугерира дека Живанши ќе започне со нова фаза во развојот – и исто така ја потенцира можноста на родителот LVMH Moët Hennessy Louis Vuitton да ангажира и да промовира директори одвнатре.

Де Лескен го наследи Филип Фортунато, ветеран од LVMH, под чиј што шестгодишен мандат беа промовирани два различни креативни директори: Рикардо Тиши, кој кулминираше со фантастично шоу во Њујорк, а потоа и Клер Вејт Келер, која дојде од Клое во 2017 година.

Според интерното соопштение, Фортунато ја напушта групата за „извршување личен проект“. Во изјавата не се споменува Вајт Келер и се подразбира дека таа засега останува под договор.

Пред Живанши, Фортунато беше претседател на Луј Витон за Северна Азија. Тој исто така бил управен директор на Фенди и работел за Кристијан Диор и Витон во Кина. Претходно во својата кариера, Фортунато помина две години во француската морнарица, по што работеше за француската фирма за долна облека Шантел и за Chalhoub Group со седиште во Дубаи.

Сидни Толедано, претседател на Модната група LVMH, му се заблагодари на Фортунато „за неговиот важен придонес за Живанши и Групацијата ЛВМХ“.

„Му посакувам се најдобро во неговите идни лични напори “.

Коментирајќи го пристигнувањето на Де Лескен, Толедано рече: „Имав можност да соработувам многу заедно со него во Dior Couture и убеден сум дека ова назначување ќе доведе понатамошен раст и успех на куќата“.

Де Лескен дипломирал на Бизнис школа за ЕСЦП. Ја започнал својата кариера во 1993 година во Ланком, бренд на L’Oréal, како во САД, така и на меѓународно ниво. Од 2001 до 2004 година, тој беше генерален директор на Хелена Рубинштајн во Јапонија.

Неговиот наследник во Диор Америка допрва треба да биде именуван.

Основачот на брендот, Хјуберт де  Живанши ја продаде својата етикета на LVMH во 1988 година за 45 милиони долари по 36 години независност. Тој остана шеф на креативниот дизајн седум години пред да се пензионира во 1995 година.

Во следните години, за куќата дизајнира славни креатори: Џон Галијано, Александар Меквин и Џулиен Мекдоналд. Тиши ја презеде етикетата во 2005 г., ставајќи ја повторно на мапата за дизајн со неговите смели, мотиви во боја за време на ѕвездениот 12-годишен мандат.

Вејт Келер стана првата жена уметнички директор на брендот. Таа ја засили меѓународната слава на куќата со тоа што ја облече Меган Маркл во венчаница за нејзината свадба во 2018 година со принцот Хари, а последователно и на многу кралски ангажмани.