Де Брујне пред гостувањето на Сити во ЛШ: Тотенхем имаше слободен викенд, ние игравме


Со вечерашните натпревари на Островот, Лигата на шампионите (ЛШ) повторно се враќа во центар на вниманието. Во Лондон и во Ливерпул се играат првите два натпревари од оваа фаза во најелитното клупско фудбалско натпреварување. Во главниот град, Тотенхем ќе го пречека ривалот од Премиер лигата, Манчестер сити додека во градот на Битлси, екипата на Ливерпул е домаќин на Порто.Двата меча почнуваат во 21 часот.

Мечот меѓу „спарси“ и „граѓаните“ сигурно дека ќе биде во фокусот на вниманието како дерби на вечерта. Второпласираниот тим во Премиер лигата гостува кај секогаш незгодниот ривал Тотенхем. Во последните пет официјални меѓусебни средби, избраниците на Пеп Гвардиола имаат далеку подобар скор од оние на Маурисио Покетино. Имено, Манчестер сити славеше на три меча од кои последните два се на гостински терен, еден натпревар завршил нерешено, а еден со победа на Тотенхем и тоа пред речиси две и пол години.

Но, ЛШ е сосема поинакво натпреварување од Премиер-лигата. Освен тоа Тотенхем, конечно, го напушти „Вембли“ и се пресели во својот нов дом, ултрамодерното здание во Северен Лондон, па јасно е дека „спарси“ ќе имаат и мотив повеќе од причина што во шампионската трка одамна се без шанси. Манчестер сити, пак, е во трка за сите три преостанати трофеи што може да биде отежнувачка околност за екипата од „Етихад“.

„Практично е невозможно да освоиме четири трофеи. Ако гледаме натпревар по натпревар, не е невозможно да победиме во секој. Но, ако го анализираме распоредот, мислам дека пред секој меч во Премиер лигата ќе бидеме хендикепирани, во смисла на психолошка и физичка подготовка. Нашите противници ќе имаат повеќе време за одмор. Слично е и во Лигата на шампионите каде гостуваме кај Тотенхем, кој имаше слободен викенд. Ќе биде навистина тешко“, изјави белгискиот репрезентативец во дресот на Манчестер сити, Кевин де Брујне.

Мечот во Лигата на шампионите меѓу Тотенхем и Манчестер Сити ќе биде прв од трите во период од само 12 дена, со тоа што двата ривала ќе одиграат меч и во Премиер лигата.

Пепе пука од самодоверба: Со Порто по четврта титула во ЛШ

Од друга страна, Ливерпул ја има веројатно и најлесната задача од сите претенденти за титулата. На „Енфилд Роуд“ гостува Порто, кој на хартија е апсолутен аутсајдер против актуелниот вицешампион на Европа, но победата мора да се заслужи на терен. Португалскиот состав нема што да загуби против големиот фаворит додека Ливерпул сè уште е активен во напорната трка за титулата во Премиер лигата со Манчестер сити.

Двете екипи се соочија и минатата година во нокаут фазата во ЛШ кога Ливерпул славеше со убедливи 5:0 уште на првиот меч на „Драгао“ во Порто. Реваншот заврши без голови, па „црвените“ без поголеми маки се пласираа во следната фаза. Сепак, и покрај тоа, тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп е претпазлив во пресрет на мечот со Порто.

„Тој резултат беше чуден. Многу добар за нас, но чуден. Дури во вториот меч го видовме вистинскиот карактер на Порто. Ова е наша втора година во ЛШ. Ние не сме Реал Мадрид кој ги освои последните три титули. Го сакаме ова натпреварување и се ќе направиме да победиме. Играме четврт-финале, играме на „Енфилд“, ова е важен меч за нас“, изјави Клоп.

Ретко кој му дава шанси на Порто во четврт-финалето од ЛШ против Ливерпул, но во таборот на португалскиот клуб веруваат дека имаат квалитет за изненадување. За тоа сведочат и зборовите на искусниот дефанзивец Пепе, кој во три наврати ја покори Европа со Реал Мадрид и има огромно искуство на европската сцена и смета дека истото може да го направи и со својот актуелен клуб.

„Освоив три титули во Лигата на шампионите и оваа сезона ќе ја освојам и четвртата“, изјави Пепе кој воопшто не се плаши од името на противникот.

„Знаеме дека ќе биде тешко против така силен тим, но ние мора да бидеме ние, да бидеме истиот тим кој беше во Лигата на шампионите, тим полн со кохезија кој се бори за сѐ, кој бара позитивен резултат и голови. Го почитуваме Ливерпул, тоа е фантастичен тим. Но, мораме да ја одработиме задачата до крај“, објасни Пепе, кој сепак нема да може да му биде на располагање на Сержо Консеинсао за вечерашниот натпревар поради суспензија.

Лига на шампиони
Четврт-финале, први мечеви

Тотенхем – Манчестер сити (21 ч.)
Веројатни состави
Тотенхем: Лорис – Орие, Алдервеирелд, Вертонген, Роуз – Даер, Сисоко – Сон, Ериксен, Али – Кејн
Манчестер сити: Едерсон – Вокер, Отаменди, Лапорт, Менди – Фернандињо, Де Брујне, Давид Силва – Бернардо Силва, Стерлинг, Агуеро

Ливерпул – Порто (21 ч.)
Веројатни состави
Ливерпул: Алисон – Александер Арнолд, Матип, Ван Дајк, Милнер – Фабињо, Хендерсон, Кеита – Салах, Фирмино, Мане
Порто: Касилјас – Милитао, Фелипе, Леите, Телјес – Корона, Данило, Отавио, Брахими – Марега, Соареш