ДДВ за струјата, сепак, се враќа на 18 отсто од јули?
Данокот на додадена вредност за струјата од 1 јули, најверојатно, сепак ќе се врати на 18 отсто наместо сегашните 10 отсто, како што беше предвидено и се мерките кои своевремено ги донесе Владата во борба против енергетската и ценовната криза. Тоа денес не го коментираше вчерашниот предлог на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, кој смета дека пониската даночна стапка за струјата треба да се задржи најмалку до крајот на оваа година, но рече дека треба да се менаџира буџетот во однос на јавниот долг и на буџетскиот дефицит.
„Ние како Влада во однос на антикризните мерки ги следиме сите можни варијанти и опции и последното што го имаме дискутирано е дека се гледа мерките да бидат поефикасни“, рече Бесими, одговарајќи на прашање на новинарите дали како Министер за финансии може да предложи до Владата да се пролонгира зголемувањето на ДДВ за струјата.
Тој додаде дека во периодот од 2020 до 2022 година Владата интервенирала со 2 милијарди евра, или со околу 13 отсто од БДП за поддршка на граѓаните и на компаниите во време на енергетската и здравствената криза, како и дека и годинава ќе се продолжи со таргетирани мерки.
„Од друга страна, исто така треба да го менаџираме Буџетот во однос на дефицитот и во однос на јавниот долг“, рече Бесими, посредно отфрлајќи ја идејата на Бислимоски, имајќи предвид дека ДДВ е главниот извор на буџетски приходи и кој, доколку се намали, директно ќе влијае на зголемување на буџетскиот дефицит и на долгот на државата.
Бесими нагласи дека на оние граѓани кои што ќе бидат повеќе погодени, ќе им биде излезено во пресрет со одредени мерки.
„Како што претходно спомнавме, Владата има предвидено 225 милиони евра и оваа година за антикризни мерки, а тоа е некаде околу 1,5 отсто од БДП и зависно од потребите, така ќе се прилагодуваме“, рече Бесими.
Вчера во интервју за Топ тема на Телма, првиот човек на РКЕ, Бислимоски, рече дека е прерано ДДВ-то за струјата на домаќинствата да се врати од 10 на 18 проценти.
„ДДВ-то од 10 отсто треба да остане барем до крајот на годината, па дури потоа да се разгледуваат можностите за негово враќање“, рече Бислимоски. (М.Ј.)