ДДВ натфрла, а капиталните инвестиции само 20 отсто


За половина година и 23 дена од јули, наплатата на ДДВ е зголемена за 6,6 проценти, а персоналниот данок е зголемен за 15,9 проценти. Намалување има кај данокот на добивка, но е 47,8 проценти реализиран од планираното бидејќи се решава управно прашање со „Џонсон Мети“ и поради стечајот на ТЕ-ТО, па има вкалкулиран, а ненаплатен данок. Зголемени се и придонесите за пензиско и инвалидско осигурување за 9,8 проценти, а придонесите за здравствено осигурување за 8,9 проценти. Вкупните приходи заклучно со 24 јули се зголемени за 8,6 проценти во однос на лани, се пофали вчера премиерот Зоран Заев.

„Тоа покажува дека економијата заживува и оди напред. Верувам дека ќе ги максимизираме ваквите резултати и жално е да се бара да се прекине овој процес за некој да оди на избори“, рече Заев додавајќи дека резултатите ќе бидат уште подобри со влегувањето во НАТО и отпочнувањето на преговорите со Европската Унија. 

Сепак, во делот на капиталните инвестиции нема место за фалење. Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека првите шест месеци се реализирани само 20,33 отсто, што значи дека од 422,2 милиони евра што годинава се планирани за капитални инвестиции, за шест месеци се платени само 85,8 милиони евра.

Иако постојано се најавува интензивирање на реализацијата на капиталните инвестиции, се очекува со ребалансот на буџетот да се намали оваа ставка, а парите да бидат пренасочени за други потреби.

Заев до опозицијата: Отворете „Мој ДДВ“, системот им враќа на сите подеднакво

„Јас ја отворив апликацијата ‘Мој ДДВ’, им препорачувам и на пратениците да отворат, па дури и пратениците од опозицијата, затоа што системот им враќа ДДВ на сите подеднакво“, изјави премиерот Зоран Заев на собраниска говорница, одговарајќи на пратенички прашања.

На сите оние што досега избегнувале да плаќаат ДДВ им порача дека им се стеснети можностите, затоа што граѓаните се инспектори, мотивирани да пријавуваат неиздавање фискална сметка со враќањето на 15 отсто од платениот данок.

„Сега многу сакам да зборувам за наплатата на ДДВ“, рече Заев најавувајќи и можно зголемување на лимитите за поврат што сега за четиричлено семејство е 28.800 денари годишно.

За 24 дена 135.000 граѓани ја симнале апликацијата „Мој ДДВ“, скенирани се над 5 милиони фискални сметки со вредност од 2,7 милијарди денари и пресметани се 730 илјади евра ДДВ за враќање на граѓаните.

„Сите пријавени обврзници за неиздавање на фискална сметка се контролирани преку снимање на прометот на секои 2 часа, со цел да се дејствува превентивно. Не се казнува освен оние правни субјекти кои не сакаат да соработуваат и таму се настапува со казни. Уште еднаш апелирам до сите правни субјекти да работат согласно закон и да издаваат фискални сметки, затоа што сега граѓаните пријавуваат, УЈП има евиденција и ред е сите да си влезат во легалниот пазар“, посочи Заев.

(А.С.)