Давид Писонеро: Ми „легна“ Скопје


Скопје му „легна“ на новиот тренер на европскиот ракометен шампион Вардар, Давид Писонеро. Шпанецот на кормилото на „црвено-црните“ со импресии од главниот град за работа, но и за живот, а покрај сериозниот професионален предизвик ќе има и дополнителен – да го научи македонскиот јазик.

„Првата возбуда ја имав при влегување во салата која е култно место. Се изгледа поинаку кога сте тука, на терен, на клупа и кога ќе погледнете нагоре кон семафорот. Ракометот тука се доживува поинаку. Овде се е посветено на овој спорт и во тоа е разликата со Шпанија“, вели Писонеро.

Актуелниот европски ракометен владетел досега привлече шест нови ракометари, но Шпанецот изрази задоволство што е задржан костурот на тимот.

„Клубот направи добра работа со задржување на костурот на тимот. Мислам дека се потребни промени, но мали и да се продолжи во иста насока. Има и други работи за склопување на сложувалката, вели сонародникот на Парондо и Гонзалез кои ги одведоа вардарцо до две титули во Лигата на шампиони.

Престижната Лига на шампиони на ЕХФ и СЕХА лигата ќе бидат главни предизвици за „црвено-црните” во претстојната сезона. Во регионалното натпреварување, вардарци ќе бидат во група со два дебитанта – украински Мотор Запорожје и унгарска Татабања. Противници плус ќе бидат и Нексе од Хрватска, словачки Татран Прешов и српскиот прволигаш Војводина што, според Писонеро, се одлична основа за подготовка за ЛШ.

„СЕХА лигата од година во година се подобрува и станува се посилна. Мечевите во неа се добра подготовка за ЛШ. Сега имаме и нови тимови како Веспрем, Мотор и Татабања кои дополнително го подгнуваат квалитетот на натпреварувањето. Има 8 екипи што секогаш можат да бидат во самиот врв. Затоа секој натпревар ќе биде интересен и неизвесен, смета шпанскиот стратег.

Во ЛШ, пак, Вардар е во група со Веспрем, со Кјелце, со Мешков, со Мотор Запорожје, со Монпелје, со Порто и со Кил каде исто така се најавени и за очекување неизвесни битки за бодови.

„И во ЛШ ќе биде супер интересно и неизвесно. Можеби нема многу звучни имиња, но сите се подеднакво квалитетни како доаѓа Кјелце, Веспрем кои игра на последниот Фајналфор турнир во Келн. Да не заборавиме дека и Кил е голем клуб“, истакна Писонеро.

Вардарци од денеска на подготовки

За денеска е закажана и првата прозивка со што ќе биде означен и старт на подготовките за новата сезона во која Вардар ќе брани три титули – првенствената во С. Македонија, во СЕХА лигата и ЛШ.

По воведната фаза во Скопје, „црвено-црните“ ќе отпатуваат на турнир во Требиње, а на крајот на август ќе играат и на „Супер Глоуб“, светско клупско првенство, во Саудиска Арабија.