Даути поднесе оставка, Гаши прво не сакаше, па после ја констатира
Пред Даути да ја образложи оставката, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ја напуштија собраниската сала
По нервозно натегање има ли право или не, Собранието денеска ја констатираше оставката на Илире Даути од функцијата претседател на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, откако денеска таа побара во рамки на 30. седница да ја образложи својата неотповиклива оставка по изгласувањето на нејзината интерпелација минатиот петок.
Пред да ја образложи оставката, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ја напуштија собраниската сала.
Даути, образложувајќи ја оставката, посочи дека тоа е врв на срамот што се случил во Собранието.
„Ако живеевме во нормална држава, тогаш ова седница немаше да се одвива и јас немаше да имам потреба да земам збор. Ова е врвот на срамот што се случил во Собранието и е директна закана кон еден избраник од граѓаните, како и држење под контрола на истиот. Моето дејствие за ставање на Законот за бранители е врз основа на членот 3, кој подразбира дополнителни услови како да дејствуваат институциите. Нема да прифатам различни услови на дејствување надвор од Деловникот. Избирам да дејствувам слободно, без условувања и да ги заштитам вредностите на демократијата и слободата. Така дејствував и кога го донесовме Законот за државјанство, кога искористувајќи ги сите механизми, го одблокиравме и донесовме законот, рече Даути.
Посочи дека и за Законот за бранители ги користила сите можности во согласност со Деловникот со цел да се подигне нивото на дебата во врска со потребата од третирање на страните од војната во 2001 година подеднакво.
„Зошто Апасиев и останатите пратеници од Левица во врска со Законот за бранители, не побараа точката да се стави на дневен ред? Јас ќе ја додадов точката на дневен ред, но се поставува прашањето зошто пратениците тоа не го побараа. Рокот за ставање на точката на дневен ред помина и мене не ми дозволуваше Деловникот да ја додадам таа точка. Овие 61 пратеници си играат мајтап со власта. За мене услов е да се почитуваат сите националности“, рече Даути..
На пратениците од власта таа им порача дека не ѝ е важно што избегале од салата бидејќи нејзе не ѝ е потребно нивното мислење. Пратениците кои гласаа за интерпелацијата Даути ги нарекуваше непочитувани пратеници, а таков епитет доби и претседателот Гаши.
„Ти непочитуван Гаши кажи им на Албанците зошто ти требаше заклучокот од седницата за интерпелација“, рече Даути.
Гаши ѝ одговори дека нема да падне на нејзино ниво.
„Констирам дека на Даути и прекунува мандатот претседателка на Комисијата за социјална политика“, рече Гаши.
Интерпелацијата на Даути беше поднесена од пратеничката група Левица. Собранието констатираше дека наводите во интерпелацијата се основани. На седницата тогаш не присуствуваа пратениците на СДСМ.
Даути прво побара да ја образложи својата одлука, но претседателот на Собранието, Африм Гаши, не ѝ дозволи, што предизвика расправија меѓу пратениците. Оставката таа утрово ја доставила до Собранието и го обвини Гаши дека на сила ја држи на функцијата – зашто на почетокот на седницата не ја констатирал оставката.
„Не знам поради кои причини вие Африм Гаши на почеток на седница не го констиравте моето разрешување оти утрово доставив неотповиклива оставка и барам 15 минути да ја образложам“, рече Даути во процедурално обраќање.
Гаши одговори дека дописот за оставката го добил пред седницата и дека на следната седница ќе ја констатира и таа ќе може да се обрати пред пратениците. Во собраниската сала настана мешаница бидејќи Даути не отстапуваше од барањето сега да ја образложи оставката, додека пратеници од ВМРО-ДПМНЕ довикуваа дека го прекршува Деловникот.
„Вие требаше да констатирате на ова седница, не ја напуштам говорницата“, рече Даути.
Гаши одговори дека сега се утврдува дневниот ред на актуелната седница и дека Даути не доставила предлог за дополнување на дневниот ред. Тој остана на ставот дека на следната седница на 21 јануари ќе биде констатирана нејзината оставка.
„Не можеш на сила да ме држиш Гаши, не можеш ни ти Мицевски, бездруго тука ќе се слушне мојот глас за лошиот акт кој го направивте, срам да ви е. Баравте мое разрешување и не може на сила да ме држите. Јас не сум ни ваша, ни на Апасиев, ни на Мицевски, ни на Гаши. Барам да ја образложам оставката“, рече Даути.
Според неа, ваквото однесување на власта ја покажува демократијата во Македонија и дека колегите пратеници сами се прават судии.