Даути ќе „преживее“, дури и да се изгласа интерпелацијата


Претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даури од Европскиот фронт на ДУИ, „ќе преживее„ на функцијата дури и да и се изгласа интерпелацијата што ја поднесе за неа партијата Левица.

Ова го потврди денес претседателот на Собранието, Африм Гаши според, кого практично освен правење театар за јавноста, интерпелацијата нема да ја смени Даути од функцијата, односно нема да има друг ефект.

Даути ја заработи интерпелацијата поради упорното одбивање, надвор од Деловникот, да ги стави на расправа измените на Законот за бранителите. Измените ја поминаа потребата за усвојување на пленарна седница во септември и требаше да поминат на комисиска расправа во рок од 24 часа, но пратеничката Даути тогаш ја одржа седницата, но не ја стави точката на дневен ред. Тогаш рече дека додека во измените не се додадат правата на борците на ОНА нема да го стави предлогот на дневен ред. Пратениците од СДСМ потоа бараа таа седница да ја закаже спикерот Африм Гаши, но тој одби, со образложение дека седницата се одржала во рокот од 24 часа, а тој не е одговорен за тоа кои точки се разгледувале на таа седница. Оттогаш Даути со разни процедурални изговори одбива да го стави предлог законот за расправа, меѓудругото тврдејќи дека му изминал рокот.  

Интерпелацијата против Даути е една од петте интерпелации кои моментално се во процедура, заедно со тие против министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, заменик-министерот во МВР Астрит Исени, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ. Гаши денес најави дека интерпелациите ќе се најдат на првата седница по Нова Година, на 10 јануари и дека сите ќе се расправаат оддеднаш, со тоа што за секоја интерпелација се предвидува еден ден расправа.

Наспроти начинот на кој се заштитиле себеси, пратениците според најавата на Гаши вчера  усвоиле негативен извештај за работата на Судскиот совет како увод во разрешување на членовите на ова тело што се избрани од парламентот. На забелешката на новинарите дека би било првпат откако постои Судскиот совет пратениците да разрешуваат негови членови, Гаши тврдеше дека за тој факт не знае и не може да го потврди. 

„Вчера усвоивме негативен извештај за работата на Судскиот совет и по тој заклучок може да ги отповикаме и разрешиме“, рече Гаши наспроти забелешката од новинарите дека според експертите  тоа би било неуставно. И овој факт Гаши се обиде да го формализира и да го релативозира најавувајќи дека можат како Собрание да се обратат до Уставниот суд и да побараат мислење  откако ќе почне постапката во Комисијата за избори и именувања.

 Практично, зад ова навидум техничко прашање стои политички прогон на судиите што се избрани од претходниот состав, а пред се на поранешната претседателка Весна Дамевска која двапати беше „симната“ од функцијата претседател, а сега ќе биде тргната воопшто од ова тело.   Покрај Дамева, со интерпелацијата  за членовите во највисокото судско тело ќе бидат опфатени и Павлина Црвенковска, Селим Адеми, Миљазим Мустафа и Тања Чачарова Иливска. Весна Дамева поднесе оставка од функцијата претседател на Судскиот совет на 2 декември поради, како што изјави, политички притисоци и обиди за нарушување на нејзиниот интегритет од неколку политичари од власта, меѓу кои и премиерот Христијан Мицкоски.Членовите на советот побараа неколку дена за да размислат кого да предложат за нејзина замена, но по речиси еден месец, предлог во јавноста не соопштија.

Премиерот Христијан Мицкоски одамна најави  дека за нивно разрешување размислуваат откако не беше изгласан годишниот извештај за сработеното во Судскиот совет, кој пак не беше изгласан токму со ваква цел – да им отвори пат за инсталирање на свои луѓе во Судскиот совет, наспроти барањата на Оценската мисија на ЕК како да се зголеми независноста на ова тело. 

„ Ние размислуваме за неколку потези, некои мерки кои ќе ги преземеме пое празниците, затоа што и покрај најавите дека се надминати оние појави на анксиозност, дијареа, грчеви и покачена температура, сè уште тие процеси траат кај одредени обвинители и судии. Граѓаните мора да ја добијат правдата. Планираме вакви активности во следниот период“, рече неодамна  Мицкоски.  (С.Ј.)