Датумот за преговори нема да биде тема во Берлин


„Невообичаена, вонредна средба, надвор од рамките на Берлинскиот процес“, вака накратко советникот за евроатлантски интеграции во кабинетот на Зоран Заев и главен технички преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ, ја дефинира средбата на претседателите или премиери на шесте земји од Западен Балкан, како и на членките на ЕУ, Хрватска и Словенија со двата најмоќни европски лидери. Состанокот ќе се одржи на 29 април во Берлин на заедничка покана на канцеларката на Германија, Ангела Меркел и претседателот на Франција, Емануел Макрон.

Во германската престолнина ќе отпатува премиерот Заев, а повикани се и српскиот претседател и премиерката Александар Вучиќ и Ана Брнабиќ. Косово ќе го претставуваат Хашим Тачи и Рамуш Харадинај, а таму ќе бидат и албанскиот премиер Еди Рама, хрватскиот Андреј Пленковиќ, словенечкиот Марјан Шарец, претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, како и претседавачот со Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ. Состанокот, според аналитичарите, е нетипичен, прв од ваков вид, закажан во невообичаено време – само еден месец пред изборите во Европскиот парламент, но она што е јасно, нагласуваат тие, е дека кога те канат Меркел и Макрон тогаш мора да се работи за важна тема.

„На поканата што ја добивме се потпишани германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на Франција, Емануел Макрон. Во фокусот на разговорите треба да бидат економските и безбедносните прашања, како и дијалогот меѓу Србија и Косово. Немаме најава дека на состанокот ќе се разговара за датумот на почетокот на преговорите за ЕУ што го чекаме заедно со Албанија. Таква можност не исклучувам, но сметам дека Германија и Франција тоа прашање нема да го стават во фокусот на јавноста пред изборите за Европскиот парламент“, вели Маричиќ издвојувајќи го спорот на релација Белград-Приштина како клучна тема.

Конечната одлука дали Македонија ќе добие датум за почнување на преговорите со ЕУ ќе биде донесена на Самитот во јуни. Освен напредокот во реформите, во кои особено значајно место има и иднината на СЈО, како и успешното спроведување на претседателските избори, добивањето датум зависи од самата структура на Европскиот парламент. Најскептични членки се Франција, Данска и Холандија. Нивните забелешки во изминатиот период беа за забавеното спроведување на реформите во судството и јавната администрација.

Договорот помеѓу Грција и Македонија за решавање на повеќедеценискиот спор за името беше позитивна порака од регионот, но сепак европски дипломати предупредуваат за рапидно влошување на ситуацијата на Балканот. Во БиХ претставниците на трите народи не успеаја да формираат влада. Во Србија има големи протести против претседателот Александар Вучиќ. Се протестира и во Црна Гора и во Албанија, каде што се формираа две нови опозициски парламентарни групи. Пратениците што се согласија да станат дел од законодавниот дом на местата на нивните сопартијци кои се откажаа од пратеничките мандати, веќе формираа нови парламентарни групи. Едната на Демократската партија (ПД), чиј координатор е Рудина Хајдари, додека другата е на пратениците на Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ), чиј координатор е Нимет Мусаи. Во меѓувреме Националниот совет на Демократската партија донесе едногласна одлука да ги бојкотира, но и попречува локалните избори, во што ја поддржува и ЛСИ најавувајќи продолжување на антивладините протести сè до смена на премиерот Еди Рама и формирање преодна влада, која ќе спроведе слободни и демократски избори. Американската амбасада во Тирана ја поздрави новата опозиција во албанскиот парламент и ја поттикна да учествува на локалните избори, а истото го направи и амбасадорот на ЕУ.

Сепак, најзагрижувачка е ескалацијата на кавгата помеѓу Србија и Косово. Откако српската влада го спречи приемот на Косово во Интерпол, и Приштина како реакција воведе казнени царини за српски и босански производи, националистичките чувства вријат. Веќе подолг период се споменува некаков план за размена на територии помеѓу двете држави, кон кој сојузната германска влада имаше критички став.

„Во овој момент никој не може да предвиди што може да биде конечен исход. Можна размена на територии, во секој случај, би можела да биде, ако сакате – последен дел од сложувалката..“, оваа скорешна изјава на еврокомесарот Јоханес Хан за „Вашингтон пост“ ги разбранува духовите, а дел од медиумите во Србија ја оценија како потврда од ЕУ дека се прифаќа размената на територии како евентуално решение на спорот.

„Се очекува на средбата во Берлин учесниците да потврдат дека по мирен пат ќе се обидат да ги решат проблемите и да се воздржат од покренување на теми што се однесуваат и на интересите на другите во регионот, како што е размената на териториите“, вели Душан Јанјиќ, директорот на Форумот за етнички односи во Србија. Проблемите, според него, се познати и не се очекуваат на масата некои нови генијални идеи.

Пред Берлин, Вучиќ треба да се сретне со претседателите на Кина и на Русија, Владимир Путин и Шји Џјинпинг.

„Потребни се консултации, но дали тоа ќе ја засили позицијата на Србија, тоа е прашање на перцепција. Можеби некаде тоа ќе влијае, да речеме, кај Меркел, ако зад грб стигне порака од Москва, но може негативно да влијае кај некои мали, но регионално важни играчи. Белград може да очекува две работи – потврда на својата насока, или малку непријатна вест доколку некои земји од регионот го обвинат за дестабилизација“, вели Јанјиќ.

Трпението е истенчено, пишува „Дојче Веле“. Тоа го покажуваат шпекулациите во српските медиуми дека Меркел и Макрон наводно сакале на двете страни да им „сервираат“ план за решавање на проблемот, кој предвидува Косово да ја има контролата и над српската енклава на северот, а Србија над манастирите и црковните територии. Од Берлин ги отфрлаат таквите наводи: „Германија и Франција нема да претстават никаков план на средбата“, дознава Ројтерс од кругови блиски до германската влада. Како што се вели, станува збор за „неформална, отворена размена“ на мислења за регионални теми и притоа секако и за Србија и Косово. (Н.К.)