Датумот на чекање, преговорите на готовс


И покрај неизвесноста што сè уште е присутна, Владата (за секој случај) ја утврди преговарачката структура за полноправно членство во ЕУ, додека се чека исходот од одложената одлука дали во октомври ќе биде одреден датум за почеток на преговорите. За таа цел, како што беше соопштено, се разгледува и начинот на вклучување на опозицијата и на невладиниот сектор во овој најобемен процес за пристапување во ЕУ.
Сепак, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи посочи дека ништо не е завршено додека нема официјална одлука за почеток на преговорите.
– Заклучокот од јуни се разгледува од почеток и во октомври секоја земја членка треба да гласа позитивно за да ја добиеме одлуката. Дотогаш треба да работиме со сите земји. Во овој период бараме состаноци и средби со членките, почнувајќи од најголемите поддржувачи до најголемите скептици, за да разговараме со нив за тоа што сме направиле во конкретниот период. Северна Македонија ги има исполнето барањата на земјите членки за започнување преговори. Важно е да се надмине оваа техничка пречка на Бундестагот, додека со Франција работиме како што работиме со сите членки за да понудиме аргументи дека ако некоја земја заслужува преговори, тоа е Северна Македонија – рече Османи, кој е предвиден и за преговарач на политичко ниво со ЕУ, покрај Бојан Маричиќ како технички преговарач.
На прашање што ако земјава не добие датум во октомври, Османи одговори дека ќе се создаде сериозна фрустрација во однос на евроинтеграцискиот процес и ќе се наруши неговата динамика.
– Немаме алтернатива освен ЕУ. Ќе продолжиме со аспирацијата кон членство, што е консензуална одлука на граѓаните. Но тоа ќе има сериозен импакт на очекувањата, на амбиентот во државата и на самата динамика – рече Османи.
На последната седница, Владата донесе одлука за формирање работни групи за подготовка на национална програма за усвојување на правото на Европската Унија и за подготовка на преговарачките позиции за членство. Донесена е и одлука за формирање секретаријат на структурата за преговори, како и канцеларија на главниот технички преговарач. Во овој пакет е и одлуката за формирање државна делегација и комитет за преговори.
На брифингот во Владата беше речено дека носител на преговорите ќе биде администрацијата, а Секретаријатот за европски прашања се трансформира во Секретаријат за преговори со ЕУ. Османи го објасни преговарачкиот процес истакнувајќи дека прва фаза е објаснувачкиот скрининг, кој трае една година, втора фаза е т. н. билатерален скрининг и потоа се пристапува кон отворање на преговорите.
– Тоа значи дека и покрај сите дилеми дека лани во јуни не почнавме преговори, ние го почнавме процесот неколку месеци подоцна. Така што оттогаш до денес не изгубивме ниту еден ден во преговарачкиот процес, бидејќи мора да се помине периодот на објаснувачки скрининг – рече Османи.
Додаде дека досега се поминати две третини од поглавјата во објаснувачкиот скрининг, кој во нормални околности почнува кога се носи одлуката за почеток на преговори, така што може да се каже дека ние тој процес сме го започнале во јуни 2018 година.
Маричиќ ја преговарачката структура истакнувајќи дека канцеларијата на главниот технички преговарач ќе ја сочинуваат експерти од министерствата и институциите, како и тоа дека за секое поглавје во преговорите ќе има посебна работна група. Како пример го посочи поглавјето 1 – за слободно движење на стоки, кое е едно од пообемните и за кое се достигнува бројка од 40 луѓе само во оваа работна група. Османи рече дека во целата структура ќе бидат вклучени илјадници луѓе и работните групи ќе опфатат луѓе од повеќе институции, а администрацијата ќе се стави во функција на преговорите веднаш штом ќе започнат.
– Точно знаеме какви луѓе и за кои позиции бараме – додаде Османи.

Опозицијата чека формална покана

Од раководството на ВМРО-ДПМНЕ велат дека не добиле официјална понуда за вклучување во преговарачкиот процес. И дека додека не се случи тоа, како што велат од партијата, опозицијата остануваат на последната позиција што ја соопшти партискиот лидер Христијан Мицкоски – дека ја повлекува понудата за помош на владата за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека во изминатиот период станало очигледно дека владејачката гарнитура не е заинтересирана за асистенцијата што ја понуди опозицијата, односно за формирање заеднички работни групи за да се премости периодот до октомври кога се очекува одлука за почеток на преговорите. На таа понуда, како што велат од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, било одговорено со политички хајки и апсења. Поради тоа опозицијата, како што велат оттаму, и во наредниот период ВМРО-ДПМНЕ самостојно ќе лобира за датум, а ако добијат конкретна понуда за вклучување во преговарачката структура дополнително ќе ја разгледаат.
Вицепремиерот Бујар Османи изјави дека на опозицијата ќе ѝ бидат понудени важни позиции во преговарачката структура, бидејќи, како што рече, овој процес не е само на владата.
Пред јунскиот самит на Европскиот совет, премиерот Зоран Заев, коментирајќи ја понудата на Мицкоски за формирање заеднички работни групи за спроведување на реформите до октомври, рече дека е лицемерна, затоа што наесен ќе нема нов извештај на Европската комисија за напредокот на земјава.
– Првпат го слушам ова, ако е така, ми доаѓа да кажам – колку лицмерно од негова страна, затоа што нема да има нов извештај во октомври. Што да подготви и како да помогне кога извештајот е завршен? Сега одлучува Европскиот совет, додека ЕК донесе безусловна и чиста препорака – рече Заев.(А. М. М.)