Датумот да не ја поплави Преспа


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА

Не е тешко да се разберат тоновите на револт во интервјуто на претседателот Стево Пендаровски за „Пресе“ во Виена, каде што тој беше во билатерална посета во текот на викендот. Оттаму се врати со поддршка од неговиот австриски колега Александер ван дер Белен, кој го испрати со порака дека Северна Македонија заслужува да добие датум за почеток на преговори со ЕУ.

Но сета таа поддршка од „големите играчи“ во ЕУ, првенствено Германија, чии највисоки политички претставници секојдневно доаѓаа во Скопје пред нешто повеќе од една година – во знак на поддршка на Преспанскиот договор и референдумот кој следуваше, сега може да се покаже недоволна за земјава да исчекори во следната етапа од процесот на интеграција во ЕУ. До душа францускиот претседател Емануел Макрон не беше меѓу „дојденците“ во земјава во периодот пред референдумот за името и донесувањето на уставните амандмани, ама остана запаметено неговото видеообраќање до македонските граѓани во кое го нарече договорот од Преспа „голем исчекор, кој има централно место во плановите за иднината на државата“. Се паметат и неколку средби Заев – Макрон, на различни локации во последните две години, на кои, ако се суди според соопштенијата од владиниот прес-центар, францускиот претседател изразувал честитки и за реформите што се преземаат и за договорот со Грција…

Но, ако Северна Македонија не добие оваа седмица и конкретно признание за отстапките што ги направи во име на стратегиските приоритети на државата, ќе се релативизира и разводни целата ситуација со затворањето на најкрупните прашања во делот на билатералната соработка, кои едно време беа основна пречка на нашиот евроатлантски пат, а чие решавање се третираше, и во меѓународни рамки, како огромен дострел на надворешната политика на земјава. Ако и овој пат изостане признание во „форма“ на датум за почеток на преговори, на земјава ќе ѝ остане како сатисфакција само исполнувањето на итните реформски приоритети – некогаш помалку, а некогаш повеќе успешно – ама сепак на задоволително ниво за да добие две позитивни препораки од Европската комисија за старт на преговорите.

Сето тоа може сега да падне во вода, под изговор дека не е донесен само законот за јавното обвинителство. Секако, дека овој закон е исто така еден од поважните критериуми во делот на европските директиви, ама, сепак, ја нема онаа специфична тежина како, на пример, Преспанскиот договор, во кој лани ова време беа инвестирани сите надежи за деблокада на евроатлантските процеси на земјава. Затоа, секое ново одложување на одлуката за преминување на Северна Македонија во следната фаза од интеграциски процес не само што ќе ги изневери очекувањата на македонските граѓани и што ќе им даде нови крилја на национализмот и евроскептицизмот во земјава, туку можно е да ги испроблематизира и договорите со Грција и со Бугарија, барем во делот на нивната спроведливост. Првите сигнали во тој правец веќе дојдоа преку Декларацијата на бугарскиот парламент, со оглед на тоа што, додека не се случи првото одложување на датумот, реториката на Софија не беше толку „воинствена“.

Можното останувањето на Северна Македонија во чекалницата на ЕУ, секако дека може да предизвика и нестабилност на парламентарното мнозинство и на владејачката коалиција, па и да доведе до предвремени парламентарни избори, затоа што потребата од спроведување на реформите веќе нема да може да биде аргумент за нивно избегнување. Реформите, можеби, нема да застанат во момент кога земјава би останала на истото ниво во процесот на евроинтеграција, ама многу реално е дека ќе дојде до нивна стагнација, поради ниско ниво на мотивација и елан и кај политичките елити и кај граѓаните.

Можното нишање на владата доколку се затвори можноста за отворање на преговорите пред заминувањето на овој состав на ЕК, всушност, е најмал проблем во споредба со атмосферата на бесперспективност и безизлезност, што, секако, уште посилно би почнала да се чувствува во земјава. Особено ако се имаат предвид максимално подгреваните надежи во последната година дека Северна Македонија е „на прав пат“ кон Брисел.

Забрзувањето на интеграциските процеси, секако, дека беше главен постулат врз кој почива и коалицискиот договор на сегашните партнери на „Илинденска“. Од тој аспект, ако следува нова стагнација на земјава на патот кон ЕУ, нормално е да се очекува политичка одговорност од политичките фактори кои своите адути во најголем дел ги вложија во полноправното членство во НАТО и на почетокот на преговорите со ЕУ, независно од повеќето грешки и пропусти, па и скандали, на внатрешно-политички план. Од тој аспект, во случај да падне владата на СДСМ и на ДУИ, вистинското прашање или проблем е на кои постулати и кон какви цели ќе се стреми некоја идна владејачка коалиција, избрана на предвремени избори, изнудени поради новото загрозување на евроатлантските перспективи на државата, а во ситуација кога Брисел и натаму би останал далечна дестинација. Во тој контекст, нема потреба да се потсетува во која насока се развиваа политичките процеси во земјава по првите предвремени избори во 2008 година, кои беа испровоцирани од фијаското на Македонија на самитот на НАТО во Букурешт, по што стана практика секој поголем политички предизвик да се решава преку вонредно изборно соочување, додека евроатланските процеси се движеа низ удолница.

Затоа разбирливи се позициите на претседателот Пендаровски во интервјуто за австриски „Пресе“. Не претерува шефот на државата кога вели дека, во случај на ново одложување на датумот – по толку убедувања од страна на меѓународната заедница дека Преспанскиот договор ни ги отвора портите кон ЕУ, македонските граѓани со право ќе си го постават прашањето „зошто требаше да го смениме името на државата?!“