Датум уште нема, но кампањата веќе почна


Иако има некакво затишје во однос на разговорите за одредувањето на датумот за изборите, кампањата на одреден начин почна. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку спотовите за летовање во Македонија наредните месеци на одреден начин промовира едно од нејзините решенија за помош на туристичкиот сектор, а СДСМ преку елаборирањето на трите пакети мерки го претставува нивното решение за излезот од економската криза.

Денеска и двете партии јавно изјавуваа дека остануваат на нивните цврсти ставови за датумот на изборите и на прв поглед изгледа дека нема приближување на ставовите. Но не мора да значи дека тоа е така.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека тие имаат свои предлози но дека се подготвени за компромис.

„Нашите позиции се јасни. Доколку има аргументи кои ние би можеле да ги прифатиме, ние сме тука и подготвени сме за компромис. Ние со ултиматуми не работиме. Ултиматуми кои беа кажани на масата или 21 јуни или избори без опозиција слободно нека им се со среќа“, рече лидерот Мицкоски на прес-конференција.

Тој одбегна да ги потврди информациите дека има разговори со посредство на претставници на меѓународната заедница, што е и логично.

„Јас немам такви информации дека има какви било мешања на претставници на меѓународната заедница во Македонија, така што претпоставувам дека и ова е еден дел од оној фоклор на шпекулации и дезинформации кои се присутни во јавноста“, рече Мицкоски.

Мицкоски уште рече дека дел од антикризните мерките од вториот и од третиот сет нема да можат да бидат реализирани доколку не биде продолжена вонредната состојба на 30 мај бидејќи потоа стапувал во сила членот 8а од Изборниот законик, и сите вонредни исплаќања се кривично дело. Тоа, според него, значи ако Владата сака да ги испорача овие мерки и ако се прекине вонредната состојба на 30 мај тогаш до 30 јули не може да има избори.

Премиерот Оливер Спасовски го повтори ставот на СДСМ дека во оној момент кога ќе заврши вонредната состојба, за 22 дена треба да се одржат избори. „Жалам што сме  единствена држава во светот каде што немаме функционален парламент“, истакна Спасовски пред Клиниката за инфективни болести во Скопје, прашан за датумот за изборите и дали ќе има лидерска средба.

„Дали ќе има нова лидерска не знам, но знам дека датумот е детирминиран со Уредбата со законска сила која има важење до завршување на вонредната состојба. Ако имавме функционален парламент тогаш изборите можеа да се одржат тогаш кога ќе се договорат политичките партии и лидери. Очекувам дека во рамките на законската можност ќе имаме дијалог и преку дијалог ќе дојдеме до конечен ден на одржување на изборите, затоа што тоа е добро за државата“, истакна Спасовски. (Н.В.)